logo
logo
logo

ВЛАСТА СЕ ФАЛИ:

Мерките давале резултати, а бројката од речиси 5000 починати?! СКАПО ЈА ПЛАТИВМЕ ЦЕНАТА

Vecer | 18.05.2021

Мерките давале резултати, а бројката од речиси 5000 починати?! СКАПО ЈА ПЛАТИВМЕ ЦЕНАТА

Во изминатиов период власта во Македонија започна да говори дека граѓаните полека но сигурно веќе стекнуваат колективен имунитет со помош на мерките и вакцините против КОВИД-19. ПР машинеријата на власта работи на тоа да се заборави на сите нивни неуспеси во текот на пандемијата. Секој ден се повеќе од власта се гласни дека издвојувале победа над пандемијата, а поочигледна ќе стане кога бројот на вакцинирани ќе достигне околу 400.000.

„Кога ќе имаме соодветни моменти ќе бидат објавени и термините за под 40 години за да можат да го планираат своето време. Јас знам зошто е прашањето, еден дел сакаат да одат на одмор или да ја напуштат државата, драго ми е што има флексибилни механизми, 2 вакцини, ПЦР не постар од 72 часа, присуство на антитела. Верувам дека ќе се изнајдат решенија и ќе може да се патува ова лето. Наша цел е да постигнеме околу 50 проценти вакцинирани до почетокот на летото“, изјави премиерот Зоран Заев во изјава за медиуми пред неколку дена при посета на Тиквеш винарија.

„Нашата проценка е дека некаде до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет имајќи ги предвид сите количини вакцини кои треба да пристигнат во нашата земја“, рече министерот за здравство Венко Филипче во неделното интервју на РСЕ.

И покрај зачестените изјави за колективен имунитет не треба да се заборави дека поради неспособноста на власта колективниот имунитет Македонија ја чинеше многу скапо. Колективниот имунитет Македонија ја чинеше над 5.000 починати граѓани. Колективниот имунитет државата ја чинеше над 150.000 заболени граѓани од КОВИД-19. Колективниот имунитет ја позиционираше државата меѓу првите десет држави во светот со најголема смртност од овој вирус.

Власта да беше поорганизирана немаше вакцинацијата да започне почеток на март месец, туку ќе започнеше во декември месец минатата година како што започна во сите држави во светот. Граѓаните немаше да молат за лекарства, болнички кревет или за вакцина туку државата тоа требаше на време да им обезбеди.

Анализирајќи го периодот откако започна КОВИД-19 може да се забележи дека власта доста потфрли во справувањето со самиот овој смртоносен вирус, и наместо да се прогласува победа или колективен имунитет треба здравствениот систем да се среди бидејќи тој одамна е срушен и едвај функционира.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk