Меѓуверскиот дијалог е од големо значење за Македонија, порача американскиот заменик-помошник државен секретар Мароко

Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот претставен од Националниот координатор, Борче Петревски, придружуван од замениците Џеладин Ајвази и Златко Апостолоски, оствари работна средба со заменик-помошникот државен секретар на САД и шеф на Бирото за конфликти и операции за стабилизација, Пит Мароко и неговите соработници.

Како што информираат од Владата, на работна средба се разговарало за приоритетите и иницијативите за спречување на насилниот екстремизам и напорите за зајакнување на регионалната соработка со земјите од Западниот Балкан.

Била потенцирана и важноста за меѓуверски дијалог во Република Македонија.

Мароко, кој е во посета на Македонија во рамки на неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан, упатил честитки за чекорите кои земјата ги презема во остварувањето на евроатлантските аспирации, посебно потенцирајќи дека Договорот со Грција е резултат на комплексни разговори и преговори.

Претставниците на Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот и претставниците од Стејт департментот споделиле искуства од активностите кои се преземаат за спречување на радикализацијата и насилниот екстремизам кои водат кон тероризам и се согласиле дека надминувањето на овие проблеми се врвни безбедносни приоритети за Република Македонија.

Како многу важна била оценета и соработката со земјите во регионот и вклучувањето на Македонија во регионалните Програми за превенција на насилниот екстремизам.

Националниот координатор Петревски го запознал американскиот заменик-помошник државен секретар Мароко со конкретните активности кои Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот ги презема во тековната 2018 година, како и со приоритетните цели кои се планираат за периодот 2019-2022 година.

Тој истакнал дека Владата е посветена на превенцијата и сузбивањето на овие закани со координирана акција и заедничка стратегија со стратешките партнери на Република Македонија, САД, земјите на ЕУ, како и соседите во регионот.

На средбата била оценета и важноста на двете Национални стратегии, за борба против тероризмот и за спречување на насилен екстремизам, кои со пропратни акциски планови, беа усвоени на седницата на Владата, на шести март годинава.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари