Ретро - се е исто само Киро го нема. Време е за Европска унија

Малевски: Ќе има ново име за државата, за нацијата и за јазикот

Како се пропуштaни добрите компромиси за името и што не очекува.

Пишува: Борис Георгиевски

Неделник Глобус 16.06.2009

Кога ќе го читате овој број на „Глобус" собраниската расправа по предлог Државната Стратегија за решавање на спорот за името, која ја поднесе пратеникот Стојан Андов, најверојатно, ќе биде веќе завршена. Доколку таа биде консензуално прифатена и изгласана, тоа ќе биде за првпат во историјата на независната држава за ова прашање да се постигне широк партиски консензус со кој Република Македонија активно и отворено ќе се вклучи, не во одбрана на уставното име, туку во потрагата по компромис за еден проблем кој веќе 18 години не' блокира и ја прави неизвесна нашата иднина.

ПРЕДЛОЗИ: Во изминативе, речиси две децении, се изредија десетици предлози за решавање на спорот со Грција. Иако, со оглед дека решение нема, сите беа отфрлани од едната или другата страна, неколку од нив биле прифаќани, не само од меѓународната заедница, туку и од домашните политички раководства, а според некои сознанија и од официјална Атина. Со исклучок на предлогот Централно Балканска Република, кој тогашниот специјален пратеник на Глигоров, Васил Тупурковски го изработи во копродукција со австрискиот дипломат Алојз Мок и беше тргнат од политичката сцена, доколку останатите предлози се стават на маса, произлегува дека од 1992 година до денес, практично постојано ни се вртат предлозите Република Македонија (Скопје), Славо Македонија или Словенска Република Македонија, и Северна Македонија или Горна Македонија- како варијанта на истиот предлог.

Притоа, интересно е дека од 1992 година до денес, различни државни раководства прифаќале по некој од овие предлози, но договор со Грција никогаш немаше. Причината за тоа, секако, треба да се бара и во ригидните ставови на официјална Атина, но она што е предмет на оваа мини-анализа, е прашањето дали до компромис никогаш не се дојде, многу повеќе, поради ригидните политички ставови во нашава земја, односно, поради жестоката битка која меѓусебе ја водат двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? БИТКА Дали државните интереси веќе две децении се жртва на бескомпромисната битка за превласт која овие две партии ја водат меѓусебе? Дали тоа е причината што исто толку време тапкаме во место, како во однос на спорот за името, така и во однос на нашите утврдени аспирации?

„Мислам дека веќе од влегувањето во ОН овој спор фактички почна да се употребува во внатрешните политички битки. Ние не бевме во состојба во Македонија она што Грција си го среди меѓу политичките сили во септември 1991 година, по референдумот - односно да имаме своја стратегија, свој став, кој може да се менува, но, според процедурата, за којашто сме договорени. Ние тоа не го направивме и кај нас ако видите, заедно со проблемот на приватизацијата и овој спор, се двете точки околу кои најмногу се занимавале сите учесници во сите изборни битки кај нас. И тоа е толку популистички злоупотребувано прашање што едноставно секој граѓанин е навлечен да си мисли дека тој е тој што најмногу го знае тоа и може да го реши и дека има комплетен увид во проблемот . Мислам дека е тоа погрешна линија", оценува либералот Стојан Андов.

Историјата на нашата современа држава не е многу долга, но и не е толку куса за да не заборавиме на некои работи кои упорно ни се провлекуваат и повторуваат. Ја избравме дебатата водена во македонскиот парламент одржана на 9 и 10 декември 1992 година (види рамки). Стенограмите се од 52. седница која се одржува во пресрет на самитот на Европската заедница во Единбург. По Лисабонската декларација, шест месеци претходно, кога на Македонија од ЕЗ и' беше наложено, под притисок на Грција, како услов за признавање на независноста да си избере име кое нема да го содржи зборот „Македонија", тогашниот претседател Киро Глигоров и министерот за односи со странство Денко Малески, добиваат сигнали од британското претседателство дека доколку нашата земја прифати на уставното име да го додаде името на главниот град Скопје, со цртичка или во заграда, како акт на добра волја, дека Британците ќе не' поддржат во ЕЗ, но и во Обединетите нации. Истите сигнали ги добиваме и од САД, иако во тој период доаѓа до промена на администрацијата, по победата на демократот Бил Клинтон над републиканецот Џорџ Буш-постариот. Глигоров и Малески излегуваат пред парламентот со барање да се прифати предлогот. Предлогот преку соопштение го прифаќа и Владата на чие чело е Бранко Црвенковски. Од тогашната опозиција, сите тие се обвинети за предавство на државните интереси. Андов не ја става информацијата на гласање од страв дека нема да помине.

БЛАГОЈ ХАНЏИСКИ Го прашавме македонскиот амбасадор во Атина, Благој Ханџиски, дали се сеќава на својот предлог од тие расправи државата да се вика Северна Македонија. Во документите до кои дојде "Глобус" ја нема таа реплика на тогашниот пратеник на СДСМ, но многумина се сеќаваат на неа од директните телевизиски преноси. Амбасадорот Ханџиски денеска не ја исклучиува можноста дека изнел таков предлог во некоја расправа од тоа време, додека Стојан Андов, кој тогаш претседаваше со седиците, убаво се сеќава на таа идеја, но не е сигурен на која точно седница е изнесен.

„По неуспехот во Единбург, Британците се интересираа како ќе се пријавиме во ОН. Пораката беше дека ако се јавиме со името Република Македонија Скопје, големите сили во ОН ќе речат дека за нив случајот е завршен. Но, овде веќе немаше никакво расположение, бидејќи домашниот национализам се користи против тоа и претседателот Глигоров кажа „стоп" за таквото решение", раскажува денес, тогашниот министер Малески..

Проблемот потоа се сели во ОН, каде во март, следната, 1993 година, бевме примени со референцата БЈРМ, која е актуелна и денес.

„Доколку го прифатевме имавме добри шанси да не поддржат. Откако го одбивме, тие рекоа – тогаш, проблемот нека остане отворен. Но, беше донесена таа резолуција на Советот за безбедност во која не' обврзаа да бараме заемно прифатливо решение со Грција", објаснува Малески. Наспроти Малески, Андов од денешна перспектива тврди дека собраниската седница во пресрет на Единбург не била некаква пресвртница. Тој не е убеден дека со прифаќањето на додавката „Скопје", на таа седница, Македонија би добила подобра позиција.

„Ние изразивме подготвеност да се реши тоа прашање, доколку дојде во преговарачка фаза. Се мислеше дека ако тоа дојде како наша еднострана одлука тоа само ќе ни ги помести нашите преговарачки позиции и ќе не' доведе во потешка позиција. Тоа само ќе значи дека во тој момент ако ја усвоевме таквата одлука во Собрание, тоа ќе значеше дека ќе беше изразена предност за промена на името без да знаеме што за тоа мисли другата страна и каква намера имаат", вели Андов. Сепак, тој вели дека на тајната средба која ја имал со грчкиот премиер Константин Мицотакис, во јануари 1993 година во Давос, Мицотакис прифатил сличен предлог.

По 16 години, премиерот Никола Груевски на Самитот во Букурешт исто така го прифати името Република Македонија- Скопје. И тој подоцна од опозицијата беше напаѓан дека е предавник, а во меѓувреме, неговиот тогашен министер Лазе Еленовски поведе и судски спор против неколку опозициски лидери, затоа што му ја објавија снимката на која тој признава што прифатил неговиот лидер во Букурешт.

ПРЕДЛОЗИ Случајно или не, единственото што се менува во земјава во овие 18 години се „предавниците" и „спасителите". Се' друго, па и предлозите кои ни пристигнуваат за решавање на спорот, се исти.

„Во таа долга злоупотреба имаме многу „самураи", сликовито речено, кои мислат дека само тие го бранат името, идентитетот и сл. и дека е загрозено од политичарите внатре во Македонија поради што не може да се изнајде консензус по тоа прашање. Затоа јас и ја подготвив оваа државна стратегија", вели Андов. По 17 години, македонското државно раководство на маса повторно ги има истите предлози од медијаторот Нимиц, но, според Малески, како одминува времето, се' потешко е да се дојде до решение.

„Секако дека одиме кон полошо. Се измени карактерот на проблемот. Се активираа и други фактори во одлучувањето, албанскиот фактор, на пример. Да речеме хипотетички, во тоа време беше сосем лесно да се добие Словенска Република Македонија како држава којашто излезе од Југославија со специјален статус за Албанците, како што се предлагаше според планот на Карингтон. Така ќе се задржеше таа врска меѓу називот на доминантната нација и називот на државата. По 2001, тоа е се' готово. Сега албанските партии не би прифатиле такво нешто. Тие велат, никако нагласување на словенскиот фактор, туку територијата на Македонија на којашто има повеќе етнички заедници. Сега повторно се радикализира тој однос. Македонија се редифинира. Или, називот мора да биде мултиетнички или општо географски и се успева да се прекине она што се викаше врска меѓу називот на државата и народот", вели Малески.

И Андов и Малески се согласни дека решавањето на проблемот денес е можен само со странски (американски) притисок или дури и со диктат. Андов е оптимист доколку се постигне партиски консензус, дека решение е можно и до крајот на годинава, но доколку нема референдум. Малески е песимист. Вели дека напредок може да се постигне само со голем притисок од САД, но не гледа интерес од нивна страна за такво нешто. Но, дури и да се тргне во таа насока, според поранешниот шеф на дипломатијата, како што минува времето, ќе бидеме исправени пред се' полоши предлози.

„Затоа да бидеме чесни, а не ова што го зборуваат интелектуалците, ќе се согласиме со Северна Македонија ама ќе задржиме Македонци и македонски јазик. Нема да биде така! Ќе прифатиме Северна Македонија, ама ќе биде Македонија со славомакедонци. Тоа е она што го бараат Грците и нема никој да интервенира за да не' спаси од тоа. Сега имаат и изговор. Имено, кој ве тера да се плеткате со антички Македонци. Сега кога веќе отидовте дотаму мора да се направи дистинкција. Овој дел ним ќе им го дадеме, овој дел вам ви го даваме. Тоа ќе биде на крајот", прогнозира Малески.

Во текот на таа, 52. собраниска седница од 1992 година, пратеникот Џеладин Мурати своето обраќање го заврши со една мисла од Марк Твен, која според него, суштински кореспондирала со проблемот за кој се расправа. „Потрудете се да го добиете она што го сакате инаку ќе ве присилат да го сакате она што ќе го добиете". Останатите дискусии, ставови и владини и партиски соопштенија од тој период, во оригинал, се поместени во рамките на овие страници.

Обраќање на Киро Глигоров, во 1992

Не можеме да живееме од митови и историја

Инаку кога говориме за тоа рационално и романтично, митско итн. сигурно дека секој наш човек, и не само наш, сите народи имаат и митови и живеат од своите традиции, својата историја, тоа се корените дел од нивното битие. И ние сме такви, се разбира, и тоа е нормално. Би биле осиромашени ако не би било така. Но, од друга страна, на овие балкански простори, мораме да признаеме, и по тоа денеска светот не препознава, сите балкански народи премногу живеат од историјата, од митовите, и од се' што е поврзано со тоа, а многу малку со сегашноста и иднината. Тоа не е моја констатација, тоа е констатација којашто сум ја чул на многу места. Затоа ние сме и толку назад од сите овие процеси кои се одвиваат во светот. Ние треба да одиме кон интегрирање со европските народи, кон поврзување со сите тие култури. Не да се откажуваме од нашите митови, од нашата историја и нашите традиции, но во исто време да го имаме присутен и рационалниот дух на крајот на овој век.

Поддршка дадена во 1992

Владата на Црвенковски за Република Македонија- Скопје

10 декември 1992

....„Со оглед дека Грција и натаму инсистира на Лисабонската декларација и може да ја блокира согласноста на Европската заедница во Единбург за признавање на Република Македонија, а тргнувајќи од фактот дека дел од земјите-членки на ЕЗ се за признавање на Република Македонија со изнаоѓање на компромисно решение, како и нашиот интерес за што поскоро пошироко признавање и непречено интегрирање во светските политички, економски и финансиски институции, се наметнува потребата да изразиме подготвеност за решение со кое ќе се помогнат активностите за подиректна поддршка на Република Македонија од страна на одделни членки на ЕЗ на состанокот во Единбург. Изразувајќи подготвеност, за надворешна употреба на нашето име Република Македонија да се додаде во заграда името на главниот град Скопје, Република Македонија прави уште еден чекор на добра волја за надминување на блокадата на нејзиното признавање во ЕЗ. Одлуката би се донела зависно од решението во Единбург...

Притоа, нашата држава останува доследна на своите ставови и определби изразени во ова Собрание дека не може да се доведе во прашање името на нашата држава, бидејќи со тоа би се довел во прашање националниот идентитет на македонскиот народ, независната позиција на Република Македонија, мирот и стабилноста на југот на Балканот".

Претседател на Владата, Бранко Црвенковски

Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ од 2002

Македонија може да опстане и сама

Македонската интелигенција, селаните и сите лојални граѓани на Република Македонија, во овој историски миг најенергично треба да се спротивстават на промената на името на нашата заедничка татковина Македонија. Перфидна и смислена лага е обидот со некаква додавка или придавка да се одземе основното што го имаме, и што го имале нашите прадедовци: името. Македонија може да опстојува со сопствени сили и со признавање од страна на тие земји кои тоа го посакуваат. Тие кои доведоа до состојба да го губиме и името, треба да си заминат од политичката сцена за добро на државата и на народот.

Тоа што се очекуваше се случи. Една комунистичка игра за власт, ја уништува или се обидува во тоа, вековната гордост на македонскиот народ тоа што секогаш бил.

...Не го предвидоа следново: од народот избран, во парламентот, на истата седница се појави лидерот на нашата партија, г. Љупчо Георгиевски кој во својот 45 минутен говор, ги симна на земја и удри од неа со едноставниот факт што им кажа што досега направиле со признавањето на Република Македонија и каков е резултатот од нивната мудра политика. Беше навистина брилјантно тоа што го говореше нашиот претседател кој во еден момент им препорача на пратениците комунисти: „Господа пратеници на СДС отворете го Уставниот закон на РМ и во неговиот член 14 ќе видите дека пишува: Надворешната политика на РМ ќе ја води СФРЈ. Веднаш по ова настана збрка кај комунистите кои се надеваа на неточност, за да можат потоа да пријдат на говорницата и да го завршат нивниот најсакан линч. Но, се случи обратното: морално беа дотолчени во нивната битка за разнебитување на Македонија и македонскиот народ, во нивната срамна битка за власт.

На ист начин, во текот на целата седница, на која во одредени моменти целосно беа отсутни комунистички пратеници, настапуваа и сите по ред пратеници на ВМРО-ДПМНЕ бранејќи ја гордоста и достоинството на македонскиот народ- нема промена на името. Денес претпладнето, во времето кога поданиците на Глигоров со сите сили го бранеа во парламентот, допре и веста дека има веќе еден месец како официјална Европа го употребува името за кое тандемот Глигоров- Малески даде согласност Република Македонија-Скопје.

Како знак на револт и протест од пладне пред зградата на парламентот почнаа да се собираат стотици студенти и младинци кои не сакаат да го примат и прифатат понижувачкиот чин на нивната држава и народ. Реки пристигнуваат од сите страни, а меѓу нив најжестоки се оние од дијаспората. Настаните во Македонија во овој момент се сосема непредвидливи и неизвесни.

10.12.1992

Служба за информирање при ВМРО-ДПМНЕ

Што се говореше на 52. седница на Собранието во 1992 година

Љупчо Георгиевски, ВМРО-ДПМНЕ: Каде ви е совеста?

Денеска чувме една голема работа. Тоа е и она најинтересното што веќе неколку часа го дискутираме. Самата помисла за дискусијата што сигурно значи дека некој доволно прави анализи, сигурно претставува голем аларм, значи веќе неколку часа дискутираме дали името на РМ треба да се промени во Република Македонија Скопје. Се поставува прашањето, прво на самиот чин на промената на тоа име Република Македонија Скопје, и се поставува прашањето на една цела политика која ја водеше македонската надворешна политика во минатите две години и која еве денеска ја круниса таа своја политика со овој предлог кој го доживеавме во македонскиот парламент...

За изненадувањето и за одбраната на здравиот разум кој јас лично, да речеме, не можам да се помирам се уште како буквално до завчера ни зборуваа дека таа идеја е забранета, а вчера ни кажаа дека е тоа слободна идеа и дека еве можеме најнормално да зборуваме за таа идеја и сметам дека е тоа навистина прашање на совест на сите парламентарци овде.

Тито Петковски, СДСМ: Народот да одлучи за додавката

А доколку навистина дојде до потребата Македонија да мора да ја додаде оваа додавка на своето име, тогаш не можеме ние да одлучиме сами. Затоа имаме инструменти да го консултираме народот, да ги консултираме граѓаните на Македонија.

Петар Гошев, ДП (Денес СДСМ) : Се согласувам со некој вид референдум

Затоа мојот став е нашето државно раководство коешто има огромна одговорност во овој момент, психичка, морална, заради тоа што тежината паѓа пред се' на истурените луѓе, добро би било да ја сподели таа одговорност повеќе и со парламентот и со македонскиот народ, односно за вакво прашање сепак да биде запрашан македонскиот народ, сака или не сака да ја прифати таа промена со сите објаснувања што државното раководство мисли да му ги даде на македонскиот народ. Мислам дека така товарот на одговорноста ќе се симне од сите и дека само за тие што се однесува тоа име, тоа значи дека се согласувам со некој вид на референдум.

Михаил Пановски, ВМРО-ДПМНЕ: Зошто го избркавте Тупурковски?

Нели е врв на лицемерие, истите тие кои го избркаа од Македонија господин Васил Тупурковски, еден од нашите најголеми македонски вредности, обвинувајќи го притоа за некаков флексибилен став околу името на државата, последниве денови јавно искажуваат флексибилност и некаква кооперативност во контактите со ЕЗ, притоа јавно агитираат и за тоа го убедуваат народот во неминовноста од потребата за менување на истата.

Ешреф Алиу, ПДП: Не ја провоцирајте Грција!

Сега сакам да ве потсетам кој најмногу придонесе да ги разбуди страстите на Грција и на грчката официјална политика да стане така остра, безпримерна и сурова против нас. На професионален план имаме принципиелна и одмерена политика на РМ која стави до знаење дека вистинёта која таа ја проширува е поинаква и тоа грчката официјална политика ја прави нервозна. Кој ја прави агресивна? Тие што со јазикот без факти градат митови со Александар Велики. Тие што наредниот конгрес во знак на триумфалност го предвидуваат во туѓа земја. Тие што печатат карти и во тие карти Солун останува доста внатре на територијата на Голема Македонија. Тука намерно го прекинувам овој дијалог.

Љубисав Иванов Ѕинго, СП: Што и' да додаваме, името ќе остане!

Како што гледате ние немаме во светот пријатели. Пријателите не се стекнуваат преку ноќ. Ние во светот имаме поединечни пријатели, имаме симпатии. Нам ни останува единствен пријател господ. Јас еднаш сум се повикал на господ, ама тој господ ќе ни помогне на нас ако ние пред се самите си помогнеме. Во ова немирно време, во ова време на безумие сепак ќе се створат и понатаму инспирации и стваралачки сили кои ќе го овековечуваат името Македонија. И тоа име ќе остане, било што да му се додава или одзема, останува името Македонија. И ние за тоа име и во името на тоа име треба да се соединиме и треба да дејствуваме.

Благој Ханџиски, СДСМ: Ќе го зачуваме идентитетот!

Тие сили во ЕЗ (Денес Европска унија) коишто се совесни, пријателски расположени спрема РМ и кои имаат сопствени интереси во РМ, бараат поддршка да го решат проблемот без да се наруши достоинството на македонскиот народ, да се сруши неговиот идентитет и да се преземе неговото право на сувереност и државност. Бараат да расправаме за спремноста, откако ќе не признаат да донесеме одлука за додавање на географскиот атрибут Скопје, во меѓународното име на РМ со што се зачувуваат нашиот идентитет, нацијата, правото на овој народ на сопствена држава без промени на Уставот, без наметнување на промени во нашето комуницирање спрема светот.

Борис Змејковски, ВМРО-ДПМНЕ: Не смееме да ја погребаме нашата славна историја!

Моето незадоволство е дотолку поголемо што ете ни се случи тоа што најмалку го очекувавме, да го менуваме името, а со тоа дефинитивно да бидеме уништени и како народ и како држава. Денешната расправа во парламентот јасно и недвосмислено покажа каде не води и до каде не доведе мудрата политика на господинот претседател, Киро Глигоров. После илјада годишно постоње, после многу војни што ги војувавме за својата слобода и држава, после многубројните жртви што ги дадовме денес ние се наоѓаме на отворена провалија во која треба да се урнеме и како народ да ја погребаме нашата славна историја.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари