Максути: Вежбата „Сеопфатен одговор“ е показател како современите општества треба да се справуваат со предизвиците

Заменикот-министер за одбрана на Република Македонија, Беким Максути, денеска во Домот на АРМ се обрати на Денот за високи гости на вежбата „Сеопфатен одговор – Водно 2018“, која е во организација на Министерството и Инжинерискиот корпус на Армијата на САД.

На Денот за високи гости присуствуваа и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерлот Стивен Креј, како и директорите на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку и Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски.

Заменикот министер Максути пред присутните истакна дека предизвиците и ризиците сè повеќе се од општествена, мигрантска, технолошка, сајбер или климатска природа, што зборува дека отпорноста на државите мора да се гради со меѓу-институционална соработка.

„Поединец, организација, институција самостојно е тешко речиси невозможно сама да се справи со вонредности па и со помал обем. Денес сме сведоци на разулавени тајфуни од далечниот исток до урагани на запад кои одземаат животи и предизвикуваат големи материјални штети, но и се повеќе сме свесни за потребата од навремено известување, брза и навремена комуникација, организација, градење на способности и капацитети и подготвеност за справување со разни вонредни ситуации и предизвици“, рече Максути.

Вежбата „Сеопфатен одговор – Водно 2018“ претставува национална командно-штабна вежба од областа на управувањето со кризи, која се реализира во периодот од 17 до 21 септември годинава. Целта на вежбата е подобрување и зголемување на националните капацитети и интер-институционалната соработка при справувањето од природни или од човек предизвикани катастрофи.

Максути порача дека токму оваа вежба е доказ дека НАТО е повеќе од воен сојуз кој помага и дава поддршка во исклучително тешки моменти како што беа поплавите во Липковско во 2015 и Скопско во 2016 година. Заменикот-министер истакна дека внатрешните реформи, но и процесот на евроатлантска интеграција која е во врвот на приоритетите на Владата на Република Македонија ќе придонесе кон зајакнување на капацитетите и способностите за справување со итни состојби.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари