logo
logo
logo

Максим Димитриевски во тесно водство пред кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово

Vecer | 18.10.2021

Максим Димитриевски во тесно водство пред кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово

Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој неодамна беше исклучен од СДСМ, е во тесно водство во првиот круг на локалните избори, покажуваат првичните неофицијални резултати објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија.

Зад него е Оливер Илиевски од СДСМ, а на трето место е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски.

Според обработени 99,88 отсто од гласовите, Димитриевски освои 15.151 глас или 32,82 отсто од излезените гласачи, Оливер Илиевски – 15.098 или 32,71 %, Тони Михајловски 8.567 или 18,56 %, Беким Салиу од Алијанса за Албанците – 4.254 гласа или 9.21 % и Теодора Димитровска од ЛДП/ДОМ 1.026 гласа или 2,22 %.

Димитриевски се заблагодари на сите кои му дале поддршка во првиот круг и најави победа во вториот круг.

„Граѓаните на Куманово победија! Тие секогаш знаат да го направат вистинскиот избор. Се заблагодарувам на сите кумановци кои ни дадоа поддршка. Се заблагодарувам и на сите оние кои не нѐ поддржаа во првиот круг, но ќе направам сѐ за да им го објаснам концептот #ЗаНашеКуманово, кој е концептот за сите граѓани. На 31-ви октомври Градскиот плоштад ќе биде преполн со народ. На 31-ви октомври да издвојуваме уште една голема победа!“, напиша Димитриевски на „Фејсбук“.

И од СДСМ најавија победа во вториот круг.

„Согласно последните официјални резултати на Државната изборна Комисија, од 167 избирачки места во Куманово СДСМ и коалицијата се победници со советничката листа и во водство за градоначалник. Советничката листа на СДСМ и коалицијата е победник во Куманово со освоени најмногу гласови, односно 11.688. Во однос на кандидатите за градоначалник, резултатите се скоро изедначени, со тоа што Оливер Илиевски кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово има 15.098. Гласови на коалициониот партнер ЛДП го ставаат Илиевски на водечка позиција за победа во втор круг“, велат од СДСМ.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk