logo
logo
logo

Максим Димитриевски: Македонецот е Македонец и од него друго не бива

Vecer | 27.09.2022

Максим Димитриевски: Македонецот е Македонец и од него друго не бива

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во вечерашното гостување во емисијата „Аргумент плус“ на телевизија 24 потенцираше дека по убедување е социјалдемократ по однос на политиките, но по националните, државни и стратешки прашања е центар кон десно, поради тоа што никој не смее да гази по идентитетот.

„Како може да не ви фали членството на СДСМ кога јас сум пораснат во таа партија од 1995 година, а првата јавна функција ја добив во 2009 година.

Замислете, скалило по скалило, од претседател на месен клуб на огранок на гласачко место на млади, прво член, па претседател, па се до два члена на извршен одбор и на централен одбор на партија. Ми недостасува, но таа партија стана нешто против што јас изрично се борев. Во партијата има прекрасни луѓе и прекрасни членови, но лидершипот ја приватизираше партијата и имплементираше многу погрешни субјективни политики со голем клиентелистички, лукративен пристап и тоа е апсолутно недозволиво.

Тоа не е приватна фирма, тоа е политичка партија, припаѓа на сите, но каде сме, што сме, ние сме тука. Денеска тие се таму, јас ги почитувам сите мои членови поранешни сопартијци. Бев избркан од партијата во една нелегитимна постапка, времето ќе покаже кој бил прав, продолжуваме понатаму. Мојата идеологија е лева по однос на политиките.

Се уште сум по убедување социјалдемократ, но по националните и државни и стратешки прашања сум центар кон десно, бидејќи никој не може да ми го гази идентитетот и идентитенот на моите предци. И тоа нема да му дозволам никому, без разлика тоа да се поранешни претседатели на мојата партија“, рече Димитриевски.

Тој истакна дека е човек којшто сака да гледа напред, има сопствено ставови, којшто пенкалото го влече така како што граѓаните му го дале со целосен интегритет и интерес на граѓаните, а не во интерес на поединци и реализација на лични агенди.

„Мојата цел е да оставам свој траг во делот на имплементирање на политиките кои заедно со партијата ги понудивме. Не се разбравме и продолживме понатака со граѓанското здружение „За наше Куманово“. Реализиравме голем број на проекти, два кружни текови, образовни проекти итн. Општината е голема фирма, таа треба да се менаџира“, изјави Димитриевски.

Димитриевски: Нека учат нашиот премиер и сите останати како се менаџира енергетска криза од соседна Србија и Бугарија.

„Не можете вие во енергетска криза да влезете и да најавите енергетска криза, а да немате претходна комплетна стратегија. Еве, ќе ја земам Бугарија за пример. Односите се такви какви што се со Бугарија, но ние сакале или не еден ден мораме да бидеме партнер, бидејќи народот е океј - официјалната политика не е добра којашто доаѓа од Софија, но една Бугарија којашто е најсиромашна држава во Европската Унија наоѓа можност да го субвенционира стопанството со две третини од вкупниот износ на сметката на секој правен субјект.

Тоа за нас е мисловна именка. Нека учи малку и премиерот и сите останати задолжени за оваа работа од соседна Бугарија. Да не зборувам за Вучиќ или Србија кадешто претседателот Вучиќ многу вешто игра во оваа состојба, цената на гасот кај нас е неколку пати поскапа.

Всушност и последниот проект „Open Balkan“ што се промовира на голема врата е одлична идеја, па кога ќе отидете на граница чекате четири часа. Па, за каков „Open Balkan“ зборуваме?“, ова вечерва го потенцираше градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во гостувањето во емисијата „Аргумент плус“ на телевизија 24.

Тој истакна дека ова е последниот момент за државата.

„Сериозно сум загрижен и за државата, но и за граѓаните Ние сме денеска крај на месец септември, вообичаено на крајот на овој месец, пред секоја врата и домаќинство гореше ќумбе и се печеа пиперки. Зошто? Бидејќи е скапо да купите ајвар, а дома можете поевтино да си го направите. Колку куќи вие денеска видовте дека се пече ајвар? Многу помалку од минатата година“, рече Димитриевски.

Во однос на граѓанското здружение „За наше Куманово“ и формирањето на движење, Димитриевски изјави дека основната определба е да се вратиме на асномските и крушевски корени на државата, бидејќи се избега многу далеку и се разнебитивме самите себеси поради погрешните, популистички и алчни политики на поединци.

„Тоа мора да го сузбиеме. Македонецот е Македонец и од него друго не бива. Субјектот е и ќе биде по примерот на Куманово. Ние имаме советници и Срби, и Албанци, и секако во движењето имаме и Роми. Ќе биде мултуетнички, но, мора да се почитува вредноста и достоинството на Македонецот затоа ние со овие погрешни политики сме за жал од национален аспект загрозени“, посочи Димитриевски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk