Голем број македонски туристи ќе останат без одмор во Грција откако грчкиот тур-оператор Музенидис е блокиран од државата до правно разрешување на внатрешните сопственички и финансиски проблеми по смртта на сопственикот. Не се знае колкав период ќе бидат блокирани сметките и хотелските капацитети во сопственост на тур-операторот кој е еден од најголемите во Грција.

Туристички агенции веќе добиле мејл од грчкиот тур-оператор за откажување на сите патувања во периодот од 27 јуни до 31 јуни. Се проценува дека под знак прашање се десетина илјади аранжмани на корисници од земјава, Србија, Русија, Украина, Романија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Ерменија, Грузија и од Азербејџан.

Агенциите од земјава кои соработуваат со овој тур-оператор се вознемирени бидејќи моментално нема одлука за пренасочување на туристите кон други хотели, а дел од туристите веќе треба да летуваат во Грција. За нив е неизвесно што ќе се случува со аранжманите и како проблемот ќе биде решен во Грција.

– Најголемиот број домашни агенции со години резервираат преку овој грчки тур-оператор па реално е да имаат проблеми иако моментално не се знае колкав број граѓани резервирале преку овој тур-оператор. Можно е веќе денеска или наредните денови туристите да се соочат со проблем да не бидат примени во хотелот каде што резервирале бидејќи не се знае какви договори за плаќање имал Музенидис со хотелите. Проблем е и престојот во хотелите од брендот „Бомо“ сопственост на туроператорот, кои, исто така, се блокирани од државата. Што ќе се случува не се знае и таа неизвесност ги вознемирува туристичките агенции од земјава, соседството и од Русија од каде што главно се носат труисти преку овој тур-оператор – вели туристичкиот работник Бошко Нацевски.

Дополнителен проблем ќе биде ако правните процедури поврзани со Музенидис во Грција потраат цела сезона, што ќе ги стави македонските туристички агенции пред предизвикот да ги вратат парите за резервациите кои нема да можат да ги наплатат од грчкиот партнер.

– Единствено решение на проблемот е кај државните институции кои сега треба да им излезат во пресрет на агенциите. Секторот за туризам во Министерството за економија и Министерството за надворешни работи сега треба да контактираат со грчкото Министерство за туризам и да пробаат да најдат заедничко решение – вели Нацевски.

Македонските агенции кои се надеваа дека годинава ќе ги реализираат аранжманите уплатени лани преку овој  грчки тур-оператор сега се во очај бидејќи не само што нема да ги реализираат овие аранжмани, туку се заглавени и со нови за годинава.

Медиумите во регионот веќе информираат дека агенциите почнале да добиваат информации од грчки тур-оператори дека хотелите во таа држава одбиваат да прифатат туристи кои имаат резервации преку Музенидис.

Вознемирени се и граѓаните кои резервираа за одмор, а сега нема да го имаат. Нивниот број е непознат засега.

– Сѐ беше убаво, резервиравме за цело семејство одмор, зедовме и одмор со датум кој ни одговара на резервацијата и сега се случи хаос. Информациите се дека до 31 јуни нема патување, а што ако нема да може да го искористиме одморот од 1 јули за кога уплативме резервација? Не е само до парите. Ќе ни се упропасти одморот кој го чекавме една година поради пандемијата. Лани поради пандемијата останавме дома, а сега присилно некој тур-оператор нѐ спречува во тоа – вели скопјанка.

Грчки медиуми објавија дека групацијата со седиште во Солун, ќе се обиде до 31 јули да најде решение со кредиторите и да издејствува финансиска помош од државата. До тогаш ќе потрае и неизвесноста за туристите и за агенциите.

Главните области на активност на Групацијата се: воздушен транспорт до и од Грција, хотелски бизнис, верски туризам, едукативен туризам, терапевтски, медицински и спа-туризам, купување и продажба на недвижнини, обезбедување на безбедносни услуги, производство и продажба на вино и маслиново масло и друго.