logo
logo
logo

Полициски супермаркет

МАКЕДОНИЈА НА ЦРНА ЛИСТА: Кој знае дали се издадени 200 или 500 нарко пасоши?

Vecer | 08.04.2021

МАКЕДОНИЈА НА ЦРНА ЛИСТА: Кој знае дали се издадени 200 или 500 нарко пасоши?

Не да се наградуваат тие што ја спроведоа акцијата околу фалсификуваните патни исправи давани на криминалци, туку да се спроведе темелна истрага, јавноста да биде запозната со сите детали и да се воспостави контролен механизам кој ќе спречи натамошна ерозија на Министерството за внатрешни работи, побара претседателката на „Транспаренси интернешенел – Македонија“, Слаѓана Тасева во разговор за „Независен“.

„Секаде во светот, освен кај нас, ако се појавиш на работа со ново возило, и да не е многу скапо, треба да објасниш како си го купил. Секој што бил на паркингот пред пасошката служба знае дека таму има многу репрезентативни возила. Тоа е многу очигледно, а никој не ги прашал од каде им се“, посочува Тасева додавајќи дека очигледно затаиле механизмите за контрола во Министерството за внатрешни работи.

Таа, како и Павле Трајанов претходно, смета дека оваа афера ќе се одрази на меѓународниот углед на земјата, која доби ослободување на визниот режим од ЕУ бидејќи ја увери Унијата во безбедноста на документите што се издаваат – што беше еден од најважните услови.

„Ваквите афери не се добри. Тие укажуват дека има многу слабости во работењето на МВР, во многу чувствителна област каква што е издавањето лични документи и патни исправи. Слушнавме дека имало и крадење на идентитети, што е многу тешка повреда на правата за заштита на личните податоци, кои се заштитени со меѓународни конвенции. Внатре во МВР очигледно има проблем со интегритетот на вработените во институцијата во целина“, оценува Тасева.

Таа потсетува дека ова е втора ваква голема слабост во структурата на МВР што излегува на виделина по скандалот со прислушувањето, бидејќи покажува вмешаност на луѓе од самата институција, што ги наметнува прашањата – како се дозволило тоа да се случи, постојат ли механизми на контрола на работењето внатре и механизми за контрола на интегритетот на вработените во тие служби што, според откритијата, се ставиле во поддршка на организираниот криминал?

„Поддршката што тие групи од организираниот криминал ја имале внатре во МВР е најголем фактор за темните бројки за криминалитетот во државата. Ако ти имаш корупција во која се обезбедува заштита на криминални групи, тогаш немаш ефикасност во работата и во откривањето на криминалот. Многу работи тука треба да се предмет на анализа, а не само тоа дека лицата што се приведени ќе бидат изведени пред суд и ќе одговараат.

Проблемот е многу поголем и треба да се разгледа од многу аспекти, вклучително и зошто толку долго траела истрагата, кои биле нејзините елементи, какви биле резултатите и зошто затаиле механизмите на контрола во МВР. Бидејќи тука станува збор за многу висока корупција и се споменуваат многу високи износи на пари, ова треба многу сериозно да се елаборира, па и да се кажат имињата на сите лица што добиле патни исправи и особено чиј идентитет бил украден, бидејќи некој правел криминал во нивно име“, забележува Тасева.

Македонија сега е ставена на посебна листа на држави, бидејќи никој не може да знае дали биле издадени само 200 или 300, 500 и повеќе патни исправи на криминалци, вали Слаѓана Тасева во разговор за „Независен“.

Како реперкусија овој случај ќе го видиме во сите наредни извештаи на меѓународните организации. Ова ни е втор или којзнае кој скандал во работењето на МВР, кое треба да биде предводник во борбата против овој криминал“, посочува таа потсетувајќи дека со децении укажувале дека корупцијата во МВР е фактор за нискиот степен на откривање на криминалот.

РАШКОВСКИ СЕ СООЧУВА СО ПРОГОН, истраги за него од сите страни

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk