ЈУНИ 2008, 40 ГОДИНИ ПО СТУДЕНТСКИТЕ ПРОТЕСТИ ВО 1968 ГОДИНА КОИ ГО ИЗМЕНИЈА СВЕТОТ. НО, НЕ И НАС

Македонија и тогаш, во '68. спиеше во историско време


Од САД и Мексико, преку Франција и Германија, до Полска, Чехословачка, Србија, Хрватска и Босна... пролетта 1968 година Светот се тресеше под налетот на студентски протсети кои бараа поголема социјална еднаковост, слобода за поединецот, запирање на сиромаштијата и служење на интересите на крупниот капитал и силните политички интереси... нешто од тоа се доби, нешто не. Македонија го преспа и ова време, доба во кое се градеше политичката левица, слободата и правото на сите за пристап до образованието, слободата...


Кога во деветнаесттиот век се формираа, или возобновуваа, нации на Балканот, се создаваа првите современи држави на денешна Србија, Грција, Бугарија... Македонија не успеа да создаде писмен круг на решителни луѓе кои нацијата ќе ја поведат напред. За нас никој напреден, посмел од останатите, не чинеше и беше загушен во меѓусебните поткажувања, клеветења, а често и убиства. Не ни беа виновни Турците. Со истите Турци Србија во соработка со султанот дигна буна против локалните власти, дахии, од која се создаде подоцна држава. Грција со помош на Англија на Турците им го загорчи животот до таа мера што разменија два милиони жители преселувајќи ги од Турција во Грција и обратно.

Истото ни се повтори и подоцна, на почетокот на дваесеттиот век, кога своите држави ги создаваа денешна Албанија, Црна Гора... Македонија се наоѓаше во постојана состојба на непочитување на сопствените уметници, интелектулаци, писмен и креативен свет... имавме повеќе ајдуци отколку учители по глава на жител. И повеќе ги славевме нив, ајдуците, од писаталите. Ако погледнеме во биографиите на нашите историски имиња од тоа време, од Делчев до Сандански, од Груев до Тодор Паница, од Александров до Арсениј Јовков, Димо Хаџидимов... ќе видиме дека најголем дел од нив умрел од македонска рака. Не му требал ни душман ни непријател од друга нација, од друг род. И тоа време го преспавме. Не ни беа виновни ни Бугари, ни Срби ни Албанци. Се испотепавме сами, меѓу себе. Додека другите создаваа, или градеа држави.

Во третиот обид, времето на НОБ и партизанското движење, со македонскиот АСНОМ и југословенскиот АВНОЈ се дефиниравме како држава.

Но, таа држава имаше предизвици да ја гради и својата слобода, демократија и права на поединецот. Еден од предизвиците на времето, кога тоа го правеа другите, се случуваше во историски познатата 68 година, Македонија повторно остана на спиење. Не го направивме тој исчекор да создадеме услови за развој на генерација интелектуалци кои, заедно со милиони други во Светот, се бореле низ протести против социјалната нееднаквост, за повеќе лични слободи, за бесплатно образование и здравство, против комунистичката аристократија привилегиите да се делат само помеѓу себе, или против интересите на големите индустрии кои за свои интереси водеа војни како онаа, во тоа време, во Виетнам.

Таа 1968 е пресвртница во европската и американска демократија. Година во која властите и во САД, но и во Франција, Германија... како и комунистичките држави Полска Чехословачка, Југославија.... потсетија дека власта ја дава народот, а не договорите кои меѓусебе ги прави комунистичката аристократија или западниот крупен капитал. Од тие настани излегоа стотици интелектуалци кои, потоа, имаа продолжено влијание на политичките и социјални протести во Европа и САД: Германците Јирген Хаберманс и Гинтер Грас, Пољакот Адам Михаењк, Чехот Вацлав Хавел, Французинот Бернар Анри Леви... и во Југославија еден Љубиша Ристиќ и Борка Павиќевиќ, Душан Јовановиќ во театарот, Желимир Жилник, Слободан Шијан на филмот... Михајло Марковиќ, Љуба Тадиќ, Драгољуб Миќуновиќ во филозофијата, а подоцна и првите обиди за либерлна, демократска политика во Југославија... од тие студентски протести излегоа и стотици студентски активисти кои, по деценија-две имаа битно влијание врз политиката во европски и глобални рамки: од Јошка Фишер во Германија, до Бил Клинтон во САД, Хавиер Солана во Шпанија... завршно со персонифицираната легенда, митот на 68.- Германецот Руди Дучке!

Македонија, за разлика од Белград, Загреб и Сараево, немаше ни луѓе ни волја да биде дел од тој демократски, слободен свет. Тоа е една од причините зошто денес во Загреб и Белград демократијата последнава деценија ја градат имиња кои со децении се дел од уривањето на комунизмот, и либералното разбирање на политиката и општеството, а кај нас ја градеа десет олигарси од кои сите заедно беа референти на Технометал, или друг партнер на скопска Железара од чие ограбување се создадоа осум, од десетмината, најбогати во државава, заедно со третокласни комунистички извршители како Стојан Андов или Киро Глигоров, и групата послушни асистенти, претежно синови и внуци на негови комунистички пријатели, без идеја и интелектуален подем кои ги активираше тој: од Љубомир Фрчковски, до Јане Миљовски или Денко Малевски, Стево Црвенковски, Владе Милчин, Слободан Чашуле... обидите на една поинаква, полиберална група луѓе собрани околу Анте Поповски, Гане Тодоровски, Блаже Ристевски, Томислав Тодоровски, Славко Милосавлевски, Љубиша Георгиевски, Димитар Мирчев... од семејната олигархија на Глигоров беа ставени на страна, и маргинализирани.


3 јуни 1968, Белград. Полицијата ги тепа студентите кај подвозникот пред Н.Београд

Преспивајќи ја 1968, ние до ден денес немаме автентични имиња кои би ја создале македонската политичка левица, или политички демократски центар. Напротив, на тој простор и ден-денес играат имиња избрани од олигарсите кои им ја завршија приватизацијата и законодавството кое ги штити. За идеја, или идеологија, лева или средна демократска, нема ни збор.

Во 1968 студентските протести имаа една зедничка цел: ослободување од наметнатите интереси на силните воени и економски групации како во САД, Франција или Германија и наметнување приоритет за еднаквост на поединецот, слобода на изборот, образование и здравство достапно за сите, до обид да се избори социјална еднаквост и слобода, како во Чешка, Полска или Југославија.

Имињата кои ги предводеа настаните во таа 1968, потоа ги предводеа темелните реформи во своите општества. Ние такви имиња немавме.
Дали студентските протести во 1968 беа полезни, промени на подобро. Времето потоа покажа дека нивното влијание било големо. Ликовите кои ги предводеа тие протести, потоа преминаа на другата страна, станаа активисти, филозофи или политичари на традиционалните вредности, на политичкиот центар или дури и десница.

Може ли некој да верува дека воинствените Хавиер Солана и Јошка Фишер некогаш палеле знамиња на НАТО, и демонстрирале против воените блокови и трката во вооружување. Идеите, сепак, и овде живеат подолго од нивите автори.

ТЕМЕЛОТ ЕВРОПСКИТЕ СЛОБОДИ ИЗБОРЕНИ ОД СТУДЕНТИТЕ, ВО 1968
Двете децении по Втората светска војна во Европа се време кога европските држави се водени силно, авторитарно и без многу внимание за еднаковоста, социјалните правди и личните слободи. Важно било да се изградат економиите на разрушените стопанства, да се плаќа скапо трката во вооружување, и да се воспостави ред по секоја цена.
Тоа создало отпор кај младата генерација која, претежно, била родена по Втората светска војна. Барале бесплатно школување, лична слобода на говор и организирање, повеќе пари за уметност и наука, социјална првда наспроти брзо растечките компании кои владееле со политиката и односите во државите... накусо, левичарски движења кои станале основ за подоцнежната социјалдемократија која управувала со Европа речиси две децении.

Протестите имале големо влијание врз секојдневниот живот: намалување на улогата на црквата и државата, неформални односи на работа, хумано судство и создавање невладин сектор како цивилен надзор, образование и здравство без трошоци за посиромашните слоеви кои со завршени факултети потоа полесно се пробивале во хиерархијата.

Се менува и културата: рок-музиката станува преовладувачка, се практикуваат сексуални слободи и коренити измени во уметноста, книжевноста и филозофијата која се доближува до народот.
Во САД по студентските протести се најавува повлекување од Виетнам. Во Чешка и Полска се демонстрира против власта и војската од Москва.
По доаѓањето на Александар Дупчек на власт во Чешка (Тогашна Чехословачка) се создаваат слободарски движења, демократизација и желба да се симне власта од Москва. Мирните протести траеле до август 1968.

Советскиот сојуз не останува нем на овие предизвици, и Москва наредува воена инвазија на Прага. На прашкиот плоштад се самозапалува студентот Јан Палах, во знак на протест против советската воена инвазија.

И во Полска се случуваат протести. По Јан Палах, во Полска се самозапалува и студентот Рикард Сивец. По Јан Палах во Чешка се самозапалуваат и студентите Јан Зајц и Евжен Поцек.
Во Франција студентите имале најчесто барања за социјална еднаквост, заради што им се придружиле над 10 милиони работници. На 13 мај 1968 два милиони студенти и работници маршираат низ Париз. Во јуни таа година Де Гол со полиција го задушува студентското и работничко протестирање.

Де Гол потоа победува на избори. Француската студентска револуција завршува како онаа, поголемата: кога Дантон, Мара и Робеспјер се убиени од народот, во чие име револуцијата ја воделе.
Во САД демонстрациите избиваат во април, дваесет дена по убиството на Мартин Лутер Кинг. Освен основните, нагласени се барањата за хумано општество, сексуални слободи и главното - повлекување од Виетнам. Еден од учесниците е и Бил Клинтон, подоцна претседател на САД.

СТУДЕНТСКИТЕ ПРОТЕСТИ ВО БЕЛГРАД, ЈУНИ 1968
Студентите во Европа, пред се во Франција и Западна Германија, протестираа уште од март 1968 година. Тоа беше бран чие влијание се ширеше без можност да се стави под контрола. Во Франција на власт беше Де Гол, силна десничарска власт која не можеше да се избори со континуираните демонстрации кои бараа социјални слободи и реформи во образованието. Со месеци имаше уривања, палења автомобили, жестоки борби со полицијата. На крајот, Де Гол попушти и да примени дел од студентските барања. Но, и покрај таа масовна општествена раздвиженост, на наредните избори граѓаните повторно гласаа за Де Гол.

Во Германија протсетите беа најжестоки. И, по својот интелектуален капацитет и барања германските протести беа најтемелни. Во нив учествуваа имиња кои по својот углед и капацитет станаа европски митови на тогашната млада генерација: од Јошка Фишер, кој ги предводеше студентските герилци кои имаа и вооружени судири со полицијата, до професорот Јирген Хаберманс, кој важи за еден од десетте најугледни европски филозофи последниве децении, до легендата Руди Дучке, врз кој на 11 април 1968 младиот неонацист Јожеф Баман изврши атентат кој Дучке го преживеа, умирајќи десет години потоа како последица од тие три куршуми кои ја погодија неговата глава.


Протести на филозовскиот факултет во Белград: студентите и професорите заедно

Во Чешка, како отпор против комунистичкиот режим и советската окупација, се самозапали Јан Палах, кој потоа стана мит на таа, револуционерна 1968 година.

Роберт Фридман, еден од лидерите на протестите во САД вели дека тие, освен генералните идеи, имале и потреба да се запре војната во Виетнам, која имала катострофални последици врз општеството во САД.
Ваквите историски случувања не останале без последици и во Југославија.

Ноќта помеѓу 2 и 3 јуни 1968 група студенти на белградскиот Универзитет е спречена да ја посети забавната манифестација Караван на пријателството, под образложение дека влез бил дозволен само за работници и учесници на работните акции. Студентите протестираат при што доаѓа до тепачка со полицијата. Тогашниот шеф на белградската полиција, Никола Бугарчиќ наредува милициска мобилизација и се случува масовно претепување на студентите кои протестираат. Веќе утредента, околу 15.000 студенти се собираат во Студентскиот град, и почнуваат протести со политички барања.
Ова предизвикува осумдневен штрјак во студентскиот град во Белград, артикулиран низ јавни собири и преку нивниот весник Студент.

Студентитите демонстрираат против тогашниот комунистички режим кого го обвинуваат дека ги напуштил идеалите за еднаковост на сите, дека се создава слој на богата црвена буржоазија, дека луѓето остануваат без работа, и образованиот, најкорисен дел на општеството, мора да оди на работа во странство, дека нема слобода на изразување и организирање... тепачките помеѓу милицијата и студентите се случуваат секојдневно.

Група професори, предводени од Драгољуб Миќуновиќ (подоцна, заедно со Војислав Коштуница, основач на Демократската странка), заедно со професорот Љубомир Тадиќ (татко на сегашниот српски претседател Борис Тадиќ) и уште шестмина други професори, претежно од Филозофскиот и Правен факултет се придружува на студентите. Ситуацијата станува критична. По неколку дена пропаганда уредникот на белградската телевизија Миревиќ прв излегува со коментар во кој истакнува дека студентските барања се легитимни и мирни, а не насилни и превратнички како што дотогаш се претставувале.
Студентите бараат смена на уредниците во весниците Борба и Вечерње новости заради пропаганда против нивните протести.

На студентите им се придружуваат и уметници кака Стево Жигон. Љубиша Ристиќ, Борка Павиќевиќ... се организираат трибини.
Пристигнува поддршка од студентите во Франција, Германија, Чехословачка... Тито ја става во приправност и војската и милицијата.
Почнуваат преговори со комунистичката власт кои од страна на Партијата и Државата ги води функционерот Вељко Влаховиќ, заедно со градоначалникот на Белград Бранко Пешиќ и претседателот на Собранието Милош Миниќ. Последниов, Милош Миниќ, заедно со Мома Марковиќ (Татко на Мирјана Марковиќ, сопруга на Слободан Милошевиќ) застанува на страна на студентите по што, наводно во гужва, е претепан од милицијата и згрижен од страна на студентите.
Ситуацијата се заканува со влијание врз целото општество, доколку протестите продолжат. Тито решава да преземе чекор кој од него не е очекуван. На 9 јуни 1968 тој решава да преговара со студентите, и излегува со изјава дека тие се во право. Дека се неопходни реформи во општеството, а нивните барања во најголем дел оправдани. Во 16 часот тој се обрати до јавноста. Весникот Борба неговата изјава ја печати на прва страница.

Паралелно со ова, Тито издава и наредба до милицијата да изврши истрага и, откако ситиуацијата ќе се смири и подзаборави, да се изврши апсења на организаторите и подржувачите меѓу професорите.
Настаните покажале дека потребата од еднаквост и слобода манифестирана во јунските протести во 1968 не била само студентска. Голем дел од власта во Белград се солидаризирал со демонстрантите и професорите кои, со години, биле под дискретна заштита на дел од раководството, и не биле апсени какао што барал Тито. Но, професорите успеваат да се спасат од апсења само неколку години. Во 1971 во Караѓорѓево, како и во својот јавен настап во Бања Лука во 1973, Тито ги прозива функционерите во милицијата и судството дека ништо не преземале против луѓето кои го дестабилизирале општеството во таа, 1968 година. Конечно, на 28 јануари 1975 година на осуммина професори предводени од Драгољуб Миќуновиќ, Михајло Марковиќ и Љубомир Тадиќ, дел од лидерите на 1968., им се одзедени сите права.
Не за долго. Во раните деведесетти најголем дел од демократските движења во Белград ќе ги предводат шеесетосмашите. На другата страна, рекомпонираната левица, исто така, ќе биде водена од борците на 68, каде ќе ги видиме Љубиша Ристиќ или професорот Михајло Марковиќ.

СЛАВНИ ЛИКОВИ ОД СТУДЕНТСКИТЕ ПРОТЕСТИ ВО 1968

РУДИ ДУЧКЕ
Најголема легенда, мит на студентските протсети од 1968 година. Пред некој месец доби и улица со негово име во берлинскиот кварт Кројцберг, и тоа откако за тоа пресуди германскиот Суд, бидејќи дел од жителите не се согласуваа улицата да се крсти по него.

Ги предводи студентските движења, кои подоцна од март стануваат и протести, заради што полицијата му мести атентат во април 1968. Иако со три куршуми е погоден во глава од неонацистот Јожеф Баман, Дучке преживува. Умира десет години подоцна, а зад себе остава син. Неговиот син Руди Марек се родил осум месци по смртта на Руди Дучке, и живеел во САД. Во 200 година Руди Марек дошол во Берлин, да се сретне со колегите на неговиот татко од протестите во 1968, со Јошка Фишер и Даниел Кон Бендит. Изјавил дека е разочаран што идеалите од 1968 станале пракса на политичката десница која ги преземала и реализирала, а лидерите на движењето станале функционери на тој процес со што ги напуштиле, и предале идеалите.

ЈОШКА ФИШЕР
Поранешен министер за надворешни работи на Германија. Син на фоксдојчер од Унгарија, какао млад припаѓал на радикални левичарски движења кои практикувале и насилни конфликти со полицијата. Од 1982 е пратеник на еколошката партија на зелените, а министер бил во владата на социјалдемократскиот премиер Шредер. Еден од авторите на планот за бомбардирање на Југославија во 1999 година.

ХАВИЕР СОЛАНА
Левичар, член на студентски движења во неговата родна Шпанија, но и во САД каде што потоа студирал физика. Демонстрирал барајќи повлекување на СДС од Виетнам. Потоа, со својот истомисленик Фелипе Гонзалез, влегува во политиката. Бил министер за надворешни работи на Шпанија, од 1995 до 1999 генерален секретар на НАТО, а денес е прв човек на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

БИЛ КЛИНТОН
Поранешен претседател на САД, учесник во протестите како студент во Вашингтон, а потоа и на Оксфорд. Силен противник на воените ангажирања на САД, пред се оние во Виетнам. Меѓутоа, подоцна, заговорник на воените акции на САД во Босна и бомбардирањето на Србија во 1999 со три илјади цивилни жртви.

Поврзани

Најнови вести

Коментари