МВР СО ДЕТАЛИ ЗА АКЦИЈАТА "КАЛАБРИЈА"

Кумановските криминалци успеале да исперат 4 милиони евра

Со милионите стекнати од продажба на дрога во државата и во странство, но и од лихварство, тие купувале земјиште и граделе луксузни куќи и станбени и деловни објекти

Четири милиони евра, пари од трговија со дрога и лихва, кумановските криминалци успеале да исперат во последните години, утврдила истрагата на МВР и Јавното обвинителство преку проверките на нивните банкарски сметки, но и на сметките на нивните фирми. Тие, изминативе десетина години, купувале земјишта во Куманово и околината на кои граделе деловни и станбени објекти, но и луксузни куќи и комплекс во селото Романовце.

МВР и Обвинителството, на вчерашната прес-конференција излегоа со детали околу завчерашната акција "Калабрија" во која учествуваа околу 350 полицајци кои уапсија 13 лица, сите членови на едно семејство и извршија претреси во вкупно 26 станови, куќи и деловни објекти.

Како лидер на оваа организација е посочен Ф.А. (43), а членовите се негови браќа, внуци, но и нивните сопруги.

Според официјалните информации против нив се поднесени кривични пријави за злосторничко здружување, перење пари, трговија со дрога, лихварство и изнуда, а судија од претходна постапка им одредил триесетдневен притвор. Кривични пријави се поднесени и против десет фирми, сопственост на членови на оваа криминална група, а преку кои оделе трансакциите, односно перењето на криминалните пари.
- Криминалната организација е составена од членови на едно семејство. Покрај организаторот на злосторничката група пријавени се уште четворица негови браќа, шест нивни синови и две сопруги. Сите тие имале своја улога во организацијата, изјави министерот Јанкулоска.
Истрагата е далеку од готова, а како што најавија министерот Јанкулоска и обвинителот Зврлевски, се испитува евентуална инволвираност на други лица и фирми во криминалот.
- По налог на Обвинителството замрзнати се сметките на осомничените и нивните фирми и донесени се времени мерки за конфискување на имот, соопшти Зврлевски.

Истрагата на полицијата траела околу две години, користени биле и посебните истражни мерки (ПИМ), а Обвинителството се вклучило пред неколку месеци.

Од она што е познато досега е дека оваа криминална група била страв и трепет во Куманово откако босот Бајруш Сејдиу заврши во затвор. Голем дел од парите ги стекнале со продажба на хероин во Македонија, но и со транспорт и продажба на дрогата во Швајцарија. Според најдените докази, парите од продажбата биле праќани во Македонија преку брз трансфер и тоа на нивните сметки.

Веднаш потоа со тие пари се купувани имоти и земјишта во Куманово, но и во Косово, како единствен успешен начин за да се исперат и да не паднат во очи на истражните органи.
Од досега преземените мерки утврдено е дека криминалната група го поседува комплексот Калабрија од 1.405 метри квадратни лоциран во Романовце, составен од семејна куќа, печатница, пекарница и базен, повеќе станбени и деловни простории во вкупна површина од 2.553 метри квадратни, пет куќи, земјиште во државна и приватна сопственост во вкупна површина од 49.890 квадрати, информираше Јанкулоска.

Меѓутоа трговијата со дрога и перењето пари не била единствената специјалност на овие криминалци. Значителни суми пари стекнувале и со изнуда, лихва и насилство. Фирми и луѓе биле принудувани да потпишуваат штетни по нив договори кај нотари. Токму затоа полицијата изврши претрес и во пет нотарски канцеларии кај кои имало документација поврзана со овие криминалци.

Истражните органи како пример наведоа неколку градежни фирми кои биле ангажирани да работат за оваа криминална група и потоа не им било плаќано. Фирмите не можеле да ја издржат загубата и потоа за да не пропаднат токму од нив добивале пари со нереално висока камата. Слично минале и неколку лица кои морале да потпишат фиктивни договори за купопродажба на нивниот имот само за да се спасат од измислениот долг и лихва.

Во завчерашната акција, при претресите биле најдени околу 30 илјади евра во кеш како и списоци со лица-должници и висината на каматите и бројот на рати кои се платени и кои требало да се платат.

Од МВР додадоа дека бројот на жртви на криминалските кумановци е далеку поголем од оној со кој располагаат во моментот и апелираат до сите оштетени веднаш да ги пријават.

(О.Ч.)


Поврзани

Најнови вести

Коментари