Власта на СДСМ и ДУИ декларативно е за НАТО, а остварува контакти и средби со лица блиски до режимот во Кремљ. Тоа е лицемерие пред граѓаните, а бламажа на меѓународна сцена и пред стратешките партнери, истакна на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.

Посочи дека скандалот со делегацијата која ја примил Талат Џафери во Македонското Собрание во која биле дел чеченски политичари, поранешни пратеници во руската Дума отвораат низа на прашања, кои за жал остануваат неодговорени.

-Молчи Талат Џафери, молчи СДСМ, молчи Ковачевски, молчи Владата, молчи претседателот Пендаровски, молчат надлежните безбедносни институции. Зарем е нормално во Парламент на земја членка на НАТО, средба да имаат претседател на Парламентот и лице каков што е Абдул-Вајед Нијазов, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението „Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин“. Ова лице е со потенцијален безбедносен ризик и затоа се потребни одговори како, зошто и кој дозволил таква средба, за што се разговарало на таа средба и дали воопшто Џафери ги известил безбедносните служби за оваа средба. Одговори и одговорност должат и коалициските партнери СДСМ, кои не треба да се кријат туку да одговорат дали и тие партиципирале на средбите и знаеле за намерите да се гради споменик на Ахмат Кадиров во Тетово, лик кој ги основал воените структури популарно наречени Кадировци, вели пратеникот.

Ковачки посочува дека ова ја компромитира Македонија и ја нарушува довербата пред нашите стратешки партнери.

-Очекуваме Талат Џафери и коалицијата предводена од СДСМ да дадат одговори, но и Ковачевски, кој веројатно пак ќе се правда дека не видел или не чул, исто како што се правдаше за примитивното и вулгарно однесување на Талат Џафери кога ги пцуеше и навредуваше вработените во Собранието.

За доброто на институцијата Претседател на Собранието, но и за имиџот на Македонија најдобро е Талат Џафери да си поднесе оставка, а прв кој треба тоа да го иницира е Димитар Ковачевски како претседател на СДСМ. Но народот вели врана на врана очи не вади, па така својата дружба Талат и Ковачевски не сакаат да си ја расипат, по цена на јавен срам на институциите и на Македонија како држава, нагласува тој.