logo
logo
logo

Ковачевски вечерва ќе се сретне со коалициските партнери

Vecer | 23.01.2023

Ковачевски вечерва ќе се сретне со коалициските партнери

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во 20 часот во Клубот на пратеници ќе одржи средба со лидерите на коалициските партнери на СДСМ, потврдија за МИА дел од партиите членки на коалицијата. Ковачевски денеска во изјава за новинарите рече дека разговарал и оти и денеска ќе разговара со добар дел од коалициските партнери, во однос, како што вели, за функционирањето на темите што се значајни за работењето на Владата, а од интерес за граѓаните.
– Исто така, имам разговарано и со партијата Алтернатива, односно со нејзиниот претседател, бидејќи имаме редовни состаноци, меѓутоа немаме разговарано за детали за влегување на нов партнер во Владата, бидејќи такви детали не се разговарани со потенцијален нов партнер. Тоа исто така ви го потврди и претседателот на Алијанса, дека ние сме политички партии, вклучително и Алијанса за Албанците, што сме за продолжување на европскиот пат на државата, меѓутоа дека во однос на конкретни разговори за програмски и кадровски детали немаме разговарано, рече Ковачевски.
Тој истакна дека доколку се влезе во такви разговори, тогаш, нормално дека ќе бидат консултирани и ќе биде разговарано и со постојните коалициски партнер во Владата, исто како што беше разговарано со коалициските партии во Владата кога влегуваше партијата Алтернатива. Централното претседателство на Алијанса за Албанците неделава ќе формира комисија која треба да преговара за евентуален влез на партијата во Владата или за останување во опозиција, откако Централното собрание викендов го овласти раководството да ја донесе конечната одлука. Во саботата вечер, по завршувањето на Централното собрание на Алијанса за Албанците, претседателот на партијата Арбен Таравари, рече дека имале плодна дискусија на оваа тема, оти дел од членовите биле за, некои против, како и дека централното претседателство на партијата ќе треба да ја донесе конечната одлука. Претходно, пред одржувањето на Централното собрание, Таравари во изјава за една национална телевизија рече дека поканата за влез во Владата ќе ја прифатат само за сериозна борба против корупцијата и ако постојат шанси да се обезбедат 80 пратеници за уставни измени. нд/ац/ 2023-01-23 15:07:44, од Неда Димова-Прокиќ  

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk