logo
logo
logo

Ковачевски најавува две теми за лидерска, АМА МУ ТРЕБА И ТРЕТА, ШТО АКО ПРОПАДНАТ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

Vecer | 31.05.2023

Ковачевски најавува две теми за лидерска, АМА МУ ТРЕБА И ТРЕТА, ШТО АКО ПРОПАДНАТ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

Се поизвесна е лидерска средба помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Според најавата клучна тема ќе бидат уставните измени, за кои од ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат, како и добрососедските односи. Мицкоски пак претходно изјави дека треба да се разговара што ќе се случува откако ќе пропаднат уставните измени.

Премиерот Димитар Ковачевски во изјава за МИА дадена во Братислава вели дека на средбата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ќе се разговара за две работи – за одлуките потребни за европската интеграција на државата и за добрососедските односи.

– Тоа е нешто што ќе го разговараме со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и со неговиот тим, бидејќи ќе биде средба на која што ќе присуствуваат тимовите и ќе треба да се изнајде начин практично од нивна страна да ја поддржат оваа одлука, бидејќи оваа одлука е практично глас за нашата интеграција во ЕУ и не смее и не може да биде предмет на дневно-политички калкулации или на добивање политички поени. Иднината на граѓаните, на сегашните и на идните генерации е далеку позначајна од кариерата на кој било политичар и треба да се надминат и личните и идеолошките разлики во делот на носењето на ваквите одлуки, бидејќи ова е обврска на сите политички партии и на сите пратеници во Собранието, истакна Ковачевски во изјава за МИА дадена по средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Ковачевски вели дека е рационален оптимист и дека верува во остварување на целта – членство во ЕУ.

Мицкоски пак порача дека нема да отстапи од ставот како и тоа дека треба да се види што ќе биде откако уставните измени ќе пропаднат.

„Овие денови најавија лидерска средба. Немам да бидам искрен голема надеж, иако ќе присуствувам на средбата, затоа што секогаш кога се разговара за иднината на Македонија, сметам дека е потребно да се учествува. Воедно, на таа средба, сакам премиерот да биде свесен за времето откако уставните промени ќе пропаднат“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски пред два дена на трибина во Делчево.

Мицкоски исто така порача дека никој, ама баш никој не може да го убеди да го погази својот, македонскиот идентитет по ниту една цена.

„И никој, никој не може да ме убеди дека уставните измени сега, се единствено решение. И тоа е факт. Не поминуваат приказните сега или никогаш. Бидејќи досега слушнавме сто пати – сега или никогаш, и ништо не се случи. И знам дека може поинаку, може подобар договор, ама исто така знам дека ваква неспособна Влада не сме имале никогаш досега. И не дека не може подобро, туку толку знаат и умеат. И затоа треба што побрзо да си одат од власт, бидејќи не осиромашија, не понижија и уште не понижуваат“, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната трибина во Делчево истакна дека повеќе од 80 проценти од македонскиот народ е против прифаќање на бугарскиот диктат, како и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи за промена на Уставот под овие околности и диктат и тоа нема да се случи ни сега ни во иднина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk