logo
logo
logo

Ковачевски: ЕУ покажа дека е посветена на проширувањето

Vecer | 06.12.2022

Ковачевски: ЕУ покажа дека е посветена на проширувањето

Во овој навистина тежок гео-политички момент за Европа, кога се води војна во Украина, ова е многу јасен сигнал дека иднината на Западен Балкан и на сите земји од регионот е во ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски по Самитот Западен Балкан – ЕУ во Тирана. Премиерот посочи дека на Самитот се разговарало многу отворено на најважните теми, особено за енергетската криза и справувањето, а, како што истакна, повторно биле искажани сите заложби на ЕУ за брза помош за Западен Балкан, преку фондовите кои се на располагање.
– Тоа значи дека ние во јануари веќе ќе имаме пристап до 80 милиони евра кои беа одобрени за справување со енергетската криза, меѓутоа и за инфраструктурните проекти за енергетска транзиција и за енергетска класификација, рече Ковачевски.
Тој информира дека на состанокот со претседателката на Европската банка за обнова и развој разговарале за конкретните проекти за поврзување со интерконектори со Грција и со Бугарија, дополнителни два интерконектори, како и за довршување на другите гасоводи кои се наоѓаат на територијата на нашата држава.
– Разговаравме и за тоа што земјите кандидатки за членство во ЕУ го имаат кај себе да го завршат, тука особено разговаравме за владеењето на правото, и за борбата против корупцијата. На агендата на нашата Влада многу високо е владеењето на правото и борбата против корупцијата и дури и овие денови тоа е главна тема што ги окупира нашите медиуми, меѓутоа и нашите политички институции, потенцира Ковачевски.
Веќе, како што посочи, разговарале и на ниво на коалициски партнери, во однос на за прв пат донесување на закон за Ветинг во државата.
– Јас за тоа разговарав и тука со највисоките претставници на ЕУ и многу скоро ќе се најде законско решение пред пратениците во Собранието, за спроведување на постапка за оценување на постојните и на идните носители на функции во однос на нивниот интегритет во насока да се намали можноста за каква било нефункционалност на оние кои ќе бидат поставени на позиции, а тука пред се мислам на намалување на корупцијата, криминалот и подобрување на управувањето со институциите, рече Ковачевски.
Според Ковачевски, одржувањето на ваков Самит во соседна Албанија само ја потврдува посветеноста на ЕУ кон проширувањето

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk