logo
logo
logo

Костадиновска Стојчевска се брани дека била извадена од контекст, откако им порача на уметниците да го расположат народот, а не да го враќаат во мрачно време

Vecer | 05.08.2022

Костадиновска Стојчевска се брани дека била извадена од контекст, откако им порача на уметниците да го расположат народот, а не да го враќаат во мрачно време

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во соопштение на официјалната фејсбук страна вели дека чувствува обврска да објасни неколку аспекти на нејзината изјава во прилогот на Гласот на Америка на македонски за тоа дали ставката за спречување говор на омраза во билатералниот Протокол со Бугарија ќе значи и цензура на творештвото, што е објавен денеска. „Цензурата е одлик на минати општества или минати власти и неа не ѝ е местото во 21 век, во земја кандидат за полноправно членство во ЕУ. Цензурата е феномен кој се коси со демократијата и слободата на говор во која денес и тоа како уживаме! Токму затоа, мојата изјава започнува со зборовите ‘Слободно нека творат!’. Како министерка, сè додека сум јас на тоа место, нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура. Исто така, сакам да сум апсолутно јасна, додека сум јас министерка, нема да има простор да се ограничува или насочува кој било уметник на кој било начин, тоа е против сите мои лични и пред сѐ професионални уверувања. Доколку изјавата која денес е цел на ‘слободни’ толкувања, повредила чувства, порив, мотив и обиди за творење, жал ми е. Намерата апсолутно не е да се насочува или ограничува, напротив, мојата интенција секогаш била и ќе биде поддршка на слободната мисла и изразување. И за крај, би сакала да повторам: Слободата на уметникот е огромна. Таа е неприкосновена. Таа слобода НИКОЈ не може да ја ограничи. И тука, никој не треба да има дилеми“, соопшти министерката Костадиновска-Стојчевска. Претходно министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прашањето дали ставката за спречување говор на омраза во билатералниот Протокол со Бугарија ќе значи и цензура на творештвото, за Гласот на Америка на македонски јазик, изјавиу Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро. Дилемите во македонската јавност во врска со тоа што, според Протоколот, е говор на омраза и кој ќе го утврдува тоа се големи, особено што според член 16 од Уставот цензурата е забранета, а слободата на говорот е загарантирана. – И впрочем, што е говор на омраза? Дали историската вистина е говор на омраза?, прашува во прилогот писателот Петар Андоновски и додава: „ Целата македонска проза е базирана на тој таканаречен историски наратив, на пример Петре М. Андреевски многу често зборува за бугарската окупација. Дали тоа значи дека ќе треба да ги цензурираме книгите на Петре?“. Вториот билатерален Протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017, согласно членот 12 од него, на 17 јули во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Бугарија и Македонија, Теодора Генчовска и Бујар Османи. Потпишувањето на протоколот е дел од преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска беше дел од македонската делегација на потпишувањето на Протоколот. Во Протоколот, кој е записник од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, во третата точка се вели дека во врска со спречување на говорот на омраза, двете држави, меѓу другото се обврзуваат и на следново: „Двете држави да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект“. Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска во изјавата за Гласот на Америка во врска со ова вели дека „Министерството за култура нема да ја има улогата на полицаец и да демне кој што ќе направи. Слободата на уметникот е голема и тој има право да се изрази и никој нема право тоа да го ограничи во ниту еден момент“, но… – Секој филм којшто ќе ја промовира македонската култура, којшто ќе го помовира македонскиот индивидуалитет какви сме ние како Македонци би требало да има поддршка. Но сепак, мора да бидеме свесни дека мора да одиме напред, мора да се ослободиме и дека историјата не смее повеќе нам да ни биде затвор, треба да ни биде лекција, вели министерката Костадиновска-Стојчевска.    

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk