logo
logo
logo

Косово одбива да го испорача Африм Исмаиловиќ, осудениот за Монструм

Vecer | 18.04.2021

Косово одбива да го испорача Африм Исмаиловиќ, осудениот за Монструм

Иако македонските власти дале гаранции дека на Африм Исмаиловиќ, осуден на доживотен затвор во процесот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, ќе му се суди во присуство, Косово се уште не одговорило позитивно на барањето за екстрадиција на осуденикот.

Портпаролот на Министерството за правда Александар Видиновски за МИА изјави дека косовската страна побарала гаранции дека доколку Исмаиловиќ биде екстрадиран во земјава, ќе има повторено судење.

-Тие гаранции Судот ги даде, и преку Министерството за правда уште пред десетина дена се веќе испратени. Се уште нема одговор од косовска страна, потврди Видиновски за МИА.

Тој нагласи и дека до косовските власти е испратена информација дека буквално се што им треба како гаранција, доказ, превод на пресуда, ќе им се излезе во пресрет со цел Исмаиловиќ да биде вратен во земјава.

-Министерството за правда ќе преземе се што треба и ќе инсистира лицето Африм Исмаиловиќ да биде екстрадиран во С. Македонија, додаде Видиновски за МИА.

Законот во Македонија овозможува секој што е осуден во отсуство, да има право да бара повторено судење.

На 1-ви овој месец, по сообраќајна несреќа во Косово, Африм Исмаиловиќ беше однесен во полициска станица и е утврдено дека тој се бара со потерница. Тогаш косовската полиција го известува нашето МВР и наведуваат дека лицето е идентификувано и е утврдено дека за него има барање за екстрадиција.

Како што тогаш јави дописникот на МИА од Приштина, адвокатот на Исмаиловиќ, Бесник Бериша рече дека по проверката на кривичната историја на неговиот клиент, е утврдено дека за него има меѓународна потерница и дека надлежен обвинител му одредил 48-часовен притвор.

– Апсењето се случи вчера (1 април) во попладневните часови. Беше случајно, како последица на сообраќајна несреќа. Откако беше повикан во полициска станица за интервју, според процедурите, полициските службеници проверија дали истиот се бара за некое друго кривично дело и им се појавила потерница од 2012/2013 година издадена од С. Македонија, изјави тогаш Бериша.

Македонското Министерство за правда тогаш испраќа уште едно барање да го екстрадираат, меѓутоа, косовските власти од судовите во Македонија бараат гаранции дека доколку биде екстрадиран, ќе му се суди во присуство.

Сега се чека Косово да одговори дали ќе ја изврши екстрадицијата на Африм Исмаиловиќ, иако не е утврден прецизен рок за да се постапи по барањето.

Покрај Исмаиловиќ, во бегство во Косово е и Алил Демири, исто така осуден на доживотен затвор во процесот „Монструм“, а Косово со години не ги екстрадира овие лица и покрај барањата на македонските власти.

Во меѓувреме, на прашање на дописникот на МИА од Приштина, до Канцеларијата за односи со јавност при косовското Министерство за правда, за тоа која е моменталната состојба со Исмаиловиќ, дали е екстрадиран, дали е на слобода или е уште во притвор и дали има ново барање од македонска страна за екстрадиција, од косовското Министерство одговорија дека не може да дадат информации поради доверливоста на случајот.

-Врз основа на вашето барање, МП на Р. Косово ве информира следното: Врз основа на Законот бр. 04/L-213 за меѓународна правна соработка во кривични случаи, Член 4 став 1., „Министерството, на барање на странскиот судски авторитет, ја зачувува доверливоста на барањето за меѓународна правна соработка и за информацијата наведена во барањето“. Затоа, повикувајќи се на споменатиот Закон, ве информираме дека Министерството за правда не може да ви понуди информации поради доверливоста на споменатиот случај, се вели во одговорот на косовското Министерство за правда.

Македонската страна досега испратила околу девет барања до косовските власти за екстрадиција на Исмаиловиќ и Демир, меѓутоа досега без позитивен одговор од другата страна.

МИА од косовски извори дознава дека Исмаиловиќ е пуштен од притвор во Косово по сообраќајната несреќа и му е изречена мерка на претпазливост. МИА исто така дознава дека Исмаиловиќ во меѓувреме побарал азил во Косово.

Африм Исмаиловиќ, како и неговиот брат Агим и Aлил Демири, на 23 февруари годинава беа осудени од Кривичниот суд во Скопје на доживотен затвор по обвинението дека на 12 април 2012 година кај Смилковско Езеро извршиле петкратно убиство. Двајца други обвинети, Фејзи и Хаки Азири, беа осудени на 15, односно девет години затвор. За обвинетиот Сами Љута, се одби обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.

Во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторeно судење и случајот во март 2018 година го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk