logo
logo
logo

КОЛУМНА НА АНГЕЛОВСКИ: Да не дозволиме да бидеме племето “Три коси црти“

Vecer | 22.02.2021

КОЛУМНА НА АНГЕЛОВСКИ: Да не дозволиме да бидеме племето “Три коси црти“

Страшо АНГЕЛОВСКИ

Македонија, за жал, последниве години постојано се наоѓа во црвената фаза, во фаза на нејзина разградба до ниво на целосно уништување. Македонскиот народ, или неговиот огромен дел, кој Македонија ја чувствува за своја национална држава, живее во предсмртен грч, вџашен од она што му се случува и, несакајќи да верува во тоа. Процес на разградба кој започна со окупација на државата после потпишувањето на договорот со Атина.

Имено, повторно ќе потсетам дека во политичката историја имаме примери кога до окупација доаѓало и без војна, со заземање на територијата на туѓа држава врз основа на договор, а за да се обезбеди извршување токму на преземените обврски од тој договор и дека таквата окупација се нарекува “гарантна окупација“. И, иако вакви договори одамна не се потпишуваат бидејќи гарантната окупација се смета за спротивна на современите меѓународно-правни сфаќања, нашата “шарм дипломатија“ потпишувајќи го договорот во Преспа и ги овозможи на Атина сите “гарантноокупаторски“ методи во намерата да си обезбеди извршување на преземените обврски од договорот.

МАКЕДОНИЈА ПОД ГАРАНТНА ОКУПАЦИЈА

Па така, Атина доби неограничено право да се меша во внатрешните работи на Република Македонија – од менувањето на името на државата, преку бришењето на идентитетот на македонскиот народ, бришењето на делот од македонската античка историја,  бришење на македонските симболи и брусење на капаците од шахтите, па се’ до укинување на можноста ние Македонците во личните документи да бидеме токму тоа што сме – Македонци.

И конечно, “гарантниот“ окупатор од Атина, преку министерството за правда во државава успеа да го издејствува и она што не им успеало на недоброј воени окупатори низ вековите  – да го забрани користењето на зборовите Македонија, Македонец и македонско за нас, од нас, меѓу нас, овде, во Македонија. Па, не ќе биде чудо доколку успее да издејствува и затворски казни за употреба на македонските поими. Онака, како што тоа го прави на веќе окупираната територија во егејскиот дел на Македонија.

Нормално, за да успее во сето ова, “гарантниот“ окупатор од Атина, заедно со своите пријатели од ЕУ и САД, најпрво ги помогнаа подготвителните операции – со многу пари, внатрешни и надворешни платеници,  “независни“ медиуми и “невладини“ организации, па преку шаренореволуционерни уништувачки активности, го инсталираа потписникот на договорот за “гарантна окупација“ – Владата на Зоран Заев. Ја инсталираа насилно, незаконски, спротивно на Уставот на Република Македонија.

И денес, нормално, со сите сили се обидуваат да ја сочуваат таа и таква Влада. Барем уште половина година, барем уште три месеци…барем уште онолку колку е потребно да се исполнат уште барањата на Софија и Тирана, барем уште онолку колку е потребно да се избрише постоењето на македонскиот народ.

БРУТАЛНА ДУИ-ЗАЦИЈА НА ДРЖАВАВА

За таа цел, се поотворено, побрутално и побезобразно, Заев врши целосна ДУИ-зација на Македонија. Заради уште некој месец власт и заради разбивање на унитарноста на веќе окупираната држава. ДУИ-зацијата се врши од највисоките ешалони на власта, со премолчено воспоставување на паралелна Влада на ДУИ; преку преземањето на најголемите јавни претпријатија во државава и управување со огромен државен капитал кој минува низ нив; преку инсталирање на кадри на ДУИ без квалификација и знаење на најчувствителните места во МВР и АРМ; преку распоредување на и последниот рамковно вработен низ општините во Македонија, преку…

ДУИ-зацијата на државава, за жал, се врши и преку целосна криминализација на општеството од што, заради крајно влошената безбедносна и сигурносна состојба страда државата како жив организам, страда македонскиот народ како мирољубив и чесен и, страдаат сите Албанци во државава кои сакаат чесно и достоинствено своето парче леб да го вадат токму овде, своите деца да ги школуваат но и вработат токму овде иако не се кадар на ДУИ. Страда системот воспоставуван со децении, а денес во фаза на распаѓање.

И доколку, до пред само неколку години ДУИ-зацијата на државава се вршеше само низ “унапредувањето на правата на малцинствата“, денес, со оваа и ваква Влада на Заев, тој процес на ДУИ-зација, како процес на неминовен распад на државава, се врши и со се’ побруталното одземање на правата на Македонците како народ во, со крв и жртви создадената држава.

Па така, сето она што под диктат на “гарантниот“ окупатор од Атина и Софија го презема Владата на Заев, во својот обид од Македонците да направи граѓани на некаква тукушто создадена државна творба со тукушто создаден непостоечки идентитет, се’ повеќе ја одзема македонската држава од рацете на македонскиот народ, а исполнувајќи ги барањата на Тирана, се повеќе го зајакнува етничкиот идентитет на албанското население, со што наместо “едно општество за сите“, односно, граѓанско општество, во националната држава на македонскиот народ создава општество на албанска етничка заедница и останати безидентитетски граѓани ( со јазикот на Индијанците: припадници на племето “Три коси црти“).

Токму затоа македонскиот народ, додека уште не е забрането неговото постоење со закони донесени од ДУИ-зираното Собрание и со кренати рачиња на нездравомислечките пратеници на СДСМ, има обврска да се крене во одбрана на своето постоење. Да се крене со употреба на сите средства какви и да треба да бидат. Зашто, големите предизвици бараат големи одговори.

Да не дозволиме да ја доживееме судбината на американските староседелци и, наместо македонски народ, да бидеме запишани како племето “Три коси црти“.

(авторот е претседател на МААК)


© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk