logo
logo
logo

Мицкоски:

Кога сакаат да молчиме, треба да знаат дека ќе зборуваме: Оваа држава има кичма да се исправи и има ум да оди напред!

Vecer | 23.10.2021

Кога сакаат да молчиме, треба да знаат дека ќе зборуваме: Оваа држава има кичма да се исправи и има ум да оди напред!

Сакам на денешниот ден да се осврнам на правците кон кои се движиме како држава, а кои имаат и влијание врз нашите животи. Стегите кои го окупираат општеството, а се наметнати од еден континуитет на лошо владеење на горе-долу истите личности веќе триесетина години, создава природно чувство кај народот дека најдобро поминуваат тие што се решаваат да одмолчуваат. Но тоа чувство е се додека бескрупулозноста на тие кои владеат со државата влегува во нашиот двор со намера да ни ја украде иднината на сите – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање по повод празникот 23 Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба.

Денеска, од Долни Сарај во Охрид, нагласи дека Македонецот никогаш не молчел, а за тоа сведочи неговиот отпор.

- Мартин Лутер Кинг велеше „нашите животи завршуваат оној ден кога ќе останеме тивки за прашањата кои нѐ засегаат.“ . Во овие моменти тивкоста е работа која им помага на тие поради кои сме тивки, и затоа е потребно да сме гласни. Гласноста за работите кои ни се важни не детерминираат за тоа каков карактер сме, и не е вистина дека Македонецот молчел затоа што тие кои ова ви го велат ги демантира еден Методиј Патчев или Христо Узунов кој направиле саможртва за нашата слобода, или острото перо на Пулевски, или пак епопеите на Прличев за мајката Неда, за Кузман Капидан кои сведочат за беспрекорниот отпор на Македонците низ времињата, но и за нашите страдања поради она што сме и ќе продолжиме да бидеме. Затоа денес, тие кога сакаат да молчиме, треба да знаат дека ќе зборуваме!, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата, која во првиот круг од локалните избори успеа да добие градоначалнички места во 22 општини, посочи дека ова не е негова борба, туку заедничка борба на народот.

- Ова не е моја борба, тука наша борба за заедничката иднина. И ви велам креваме глава кога тие сакаат да бидеме со спуштени колена. Одлучивме да се бориме, затоа што имаме еден значаен мотив повеќе, а тоа новата иднина. Новата иднина е долгот на нашите претци, но и обврска за новите потомци. Новата иднина е нашиот сон овие 30 години за Македонија каква што сакаме да ја имаме. Новата иднина е надежта заокружена од секој еден од вас на референдумот таа 1991 година, тој 8 септември. Сетете се на тоа моќно чувство дека сте дел од нешто, дека сте дале нешто за Македонија, а за жал години потоа не сте добиле ништо. И дека време е, конечно време е денес државата да ви испорача вам. Новата иднина е исправање на неправдите, ослободување на стегите на ова наше општество. Победа над стравовите, победа над делбите на наши и ваши, леви и десни. Новата иднина е да работиме, да се креваме тогаш и кога паѓаме. Да постигнуваме резултати, да градиме, да создаваме. Да го заштитиме нашето, да се бориме за она во што веруваме. Новата иднина е да го ослободуваме потенцијалот на слободната индивидуа, ова општество да се потпре на способните, напредните. Оваа држава има кичма да се исправи, и има ум да оди напред. Новата иднина е прагот од кој ќе почне да се остварува сонот за Македонија. Нашиот заеднички сон, рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk