logo
logo
logo

Кога лебот ќе поскапи за 50% работата е јасна

Vecer | 06.08.2022

Кога лебот ќе поскапи за 50% работата е јасна

Кога лебот ќе поскапи за 30-50% тогаш е јасен сигналот дека еконимијата влегла во длабока криза, а цената на кризата ја плаќаат, секако, крајните потрошувачи.

Традиционалниот бел леб е поскапен за три до пет денари. Засега, воглавно, цената за една векна леб се движи од 40 до 100 денари во зависност од видот на лебот, односно од тоа со какво брашно е подготвен.

Секоја пекара или компанија за производство на леб самостојно ја определува цената, во зависност од трошоците што се влеваат при производството на лебот.

Вака Горан Малишиќ, претседател на групација на мелничко-пекарска индустрија при Стопанската комора ја опишува состојбата со повисоките цени на лебот кои се забележуваат последните денови.

– Причините за ваквата состојба се повеќе од јасни и очекувани. Повисоката откупна цена на лебното зрно, двојно зголеменетите сметки за електрична енергија и на гасот. Поскапување има и на другите производи не само на лебот. Со поскапувањето на струјата многу компании влегоа во најскапиот, четврт блок. Ако имаше компании кои користеа евтина струја, сега таа им е за 100 отсто повисока. Сите тие имликации на трошоците доведоа до оваа цена на лебот – посочува Малишиќ.

Кој може ќе издржи, ако не на диета

Цените скокнаа во услови на ограничена маржа од 5 проценти за целиот или сечен на парчиња бел леб. Зголемените цени граѓаните ги забележаа пред неколку дена и веднаш реагираа на социјалните мрежи.

-Белиот леб на парчиња достигнал цена од 60 денари. Едно евро за еден леб. Истиот леб пред некое време беше околу 45-50 денари – коментира Елена Т. од Скопје.

Драган М., пак, вели дека околу 30-40 евра месечно трошат само за леб, a го купуваат најевтиниот.

– Ако сакате да се храните малку поздраво и да купувате леб со ‘ржано, интегрално или друго брашно ќе платите бајаги поскапо. Кој колку може, ќе издржи. Сите на диета – на шега додава тој.

Граѓани се жалат и дека не може да најдат од евтиниот леб во продавниците.

-Веројатно произведуваат мали количества и веднаш се троши. Немаат добра сметка ако прават големи количества – вели Миле Јакимовски.

Статистичките податоци покажуваат дека едно домаќинство во земјава просечно годишно троши околу 255 килограми леб.

Пекарите бараат помош од државата

Малишиќ вели дека мелничарите и пекарите побарале државна помош, но засега немаат конкретен одговор на барањето.

– Преговаравме и со Министерството за економија и со Владата. Побаравме да интервенираат во субвенционирање на компаниите со цените на електричната енергија, затоа што само ние сме како индустрија во нашава држава изложени на најскапа електрична енергија – заклучува тој.

Сепак, тој не очекува во следниот период да има зголемување на цените на лебот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk