ПО МЕРКИТЕ ЗА ДОВЕРБА, СКОПЈЕ И АТИНА ЌЕ ГРАДАТ НОВИ ФОРМИ НА СОРАБОТКА

Коѕијас: Не сум кажал дека спoрот за името е поврзан со јазикот или други прашања

На новинарско прашање дали ќе побара објаснување од Коѕијас за налепниците кои грчките полицајци ги ставаат на македонските возила при влез во Грција, Димитров одговори дека двете земји имаат различни ставови по тоа прашање и за да се реши прашањето што не разделува, треба да најдеме прашање кое не поврзува 

Се надевам дека во еден момент ќе можеме да дојдеме во ситуација да имаме содржајни разговори за името. Никогаш не сум кажал дека тоа е поврзано со јазикот или други прашања, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на прес-конференцијата во Солун, одговарајќи на новинарско прашање дали, како што обавија некои грчки медиуми, рекол дека Атина освен името на Македонија оспорува и други прашања како што се јазикот, нацијата...

Вчера во Солун Коѕијас имаше средба со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, на која разговарале за нови форми на соработка.

Дел од темите на оваа средба одржана на маргините на квадрилатералниот министерски состанок во Солун биле иднината на регионот, чекорите кои треба да се преземат за создавање позитивна визија за таа иднина, зајакнување на соработката меѓу организациите на цивилните општества на двете земји, како и на академските институции.

Димитров, кој се сретна и со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, истакна дека е разговарано и за прекуграничната соработка, за зголемување на соработката на ниво на министерства за внатрешни работи.

На новинарско прашање дали ќе побара објаснување од Коѕијас за налепниците кои грчките полицајци ги ставаат на македонските возила при влез во Грција, Димитров одговори дека двете земји имаат различни ставови по тоа прашање.

- Можам да го отворам и тоа прашање, меѓутоа различно приоѓаме кон него. За да се реши прашањето што не разделува, треба да најдеме прашање кое не поврзува, нагласи Димитров.

На средбата во Солун, освен Димитров и Коѕијас, учествуваа и министрите за надворешни работи на Бугарија и на Албанија. Во македонската делегација која е во Солун се и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за економија Крешник Бектеши.

Во контекст на состанокот на минстрите од Грција, Македонија, Бугарија и Албанија, Коѕијас кој ја отвори министерската средба, истакна дека Атина ќе даде поддршка за повеќето земји за членство во ЕУ, како и поддршка за содвање мрежа за соработка.

Тој признава дека Грција се однесувала арогантно кон земјите во регионот во 90-те години, но извлекла поука и се свртела кон градење доверба. Оцени дека односите меѓу земјите во регионот сега се многу поодбри отколку што се перцепира во јавноста.

-Треба да сме подготвени на компромиси и да не се плашиме. Треба да ги решаваме проблемите, рече Коѕијас.

Грчкиот министер нагласи дека иднината на ЕУ е во заеднички интерес и во интерес на перспективата на регионот и оти земјите кандидати за членство во ЕУ во следната фаза на пристапување ќе добијат средства наменети за Југоисточна Европа.

- Со средбата сакаме да ги идентификуваме заедничките интереси, иднината на регионот и грчката надворешна политика е фокусирана на исполнување на денешната агенда како да им се посветеиме на овие прашања како и на прашањата од економијата, културата, образованието, истражувањето како и секторите за енергија и за внатрешна безбедност, рече Коѕијас.

Тој истакна дека Балканот е регион кој ветува многу во однос на развојот на енергетиката, во смисла на изградба на гасоводи и други проекти, поради што е потребно зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот, а пред се на четирите, кои учествуваа на квадрилатералната средба во Солун: Македонија, Грција, Бугарија и Албанија, рече Коѕијас.

Поединечни состаноци одржаа министрите за надворешни работи, за внатрешни работи, за енергетика и за економија.

На средбата во Солун договорена е нова средба за шест месеци со прашања во врска со соработка со користење на фондовите на ЕУ.

Ова беше втора средба во ваков формат, во рамки на напорите на грчката дипломатија за зајакнување на регионалната стабилност и трансграничната соработка меѓу соседните земји од јужниот дел на Балканот.

Целта на дипломатската средба е да се потврди институционалната соработка меѓу четирите земји, кои треба да решаваат безбедносни прашања и да се борат против екстремизмот, тероризмот и радикализација. Истовремено, овие земји беа соочени и со голема бегалска и мигрантска криза, чии последици се уште ги чувствуваат.

Министрите ги разгледаа и можностите за подготвување заедничка позиција при решавање на тие прашања врз основа на европските вредности и добрососедските односи.

Поврзани

Најнови вести

Коментари