Коалицијата „Сите за правично судење“ укажува на пропустите кои довеле до бегството на Груевски

По трите случаи на бегство по изрекување на мерката притвор или затворски казни и повеќе од очигледно е дека е потребно да се направи проценка на функционалоста на органите на прогон и да се постапува со исклучителна внимателност кога станува збор за лица од овие сензитивни и високопрофилирани кривични предмети, укажува Коалиција „Сите за правично судење“.

Во врска со реакциите во јавноста упатени кон ОС Скопје 1, а по однос на извршувањето на
правосилната пресуда по предметот познат како „Тенк“, со која поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на 2 годишна затворска казна, Коалицијата информира дека во овој предмет Груевски вложи барање за одлагање на извршувањето на затворската казна, која требаше да започне да ја издржува на 08.11.2018 година. Постапката по ова
барање/молба беше правосилно завршена 09.11.2018 година, со решение кое не успеа да биде
доставено до осуденото лице затоа што истото не можеше да се пронајде и лоцира.

,,Овде, го лоцираме правниот пропуст во Законот за извршување на санкциите, според кој осуденото лицесе упатува на извршување на казната затвор во рок не пократок од 8 и не подолг од 13 дена. Но, истиот овој закон, пропишувајќи ја постапката за одлучување по барање за одлагање на казната, предвидува рок од 3 дена од приемот на упатниот акт за осуденото лице да поднесе молба за одлагање, на која судијата за извршување на санкциите исто така треба да одговори во рок од 3 дена. На ова првостепено решение, осуденото лице има право на жалба во рок од 3 дена од приемот на решението, на која жалба треба да одговори кривичниот совет на надлежниот суд, повторно во рок од 3 дена. Со тоа, траењето на постапката е најмалку 12 дена, со што речиси секогаш би бил пробиен првично определениот рок (од 8 до 13 дена) за упатување во затвор доколку молбата за одлагање е одбиена. Сепак, законот не ја предвидува оваа ситуација со конкретни одредби, но доколку се толкуваат одредбите во самиот контекст на законот, конкретно членот 87 од Законот за извршување на санкции, установата во која е упатено лицето на издржување на казната, како и судијата за извршување на санкциите би требало веднаш да констатираат дека е пробиен рокот и во координација со МВР и Основен суд Скопје 1 да направат обиди веднаш да го пронајдат лицето, да му го достават решението со кое е одбиена молбата заодлагање на издржување на казната затвор и истото веднаш да го спроведат”, се вели во соопштението.

Во поглед пак на реакциите во врска со (не)определувањето на мерката притвор, Коалицијата укажува дека на Груевски, кој е обвинет и во други предмети му беше одземена патната
исправа, а согласно одредбите од ЗКП, но и праксата на ЕСЧП доколку обезбедувањето може да
биде постигнато со поблаги мерки од притворот, судот секогаш ќе ги избере тие мерки.

,,Со оглед на фактот што на осуденото лице му беше одземена патната исправа, со самото тоа , на истото му е оневозможен и излез од државата. Меѓутоа, она што е проблематично во случајов е тоа што Министерството за внатрешни работи не знае каде се наоѓа ова лице, а дополнително како проблематика се истакнува и функционалноста на пограничните служби во идентификување на лица на кои им се одземени патните исправи, не навлегувајќи при тоа во можноста за користење други исправи.Бидејќи во случајот станува збор поранешен претседател на Владата, истиот согласно членот 6 од Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување на Владата на Република Македонија, се обезбедува со редовни мерки и активности за обезбедување. Согласно членот 200 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи: „Полицискиот службеник кој врши редовно обезбедување не може да се оддалечи од личноста односно објектот кој го обезбедува“, освен во исклучителни околности, но притоа личноста која ја обезбедува не смее да остане необезбедена. Ова упатува на фактот дека лицата задолжени за обезбедувањето на поранешниот премиер-Никола Груевски, согласно овој правилник, не смееле да го остават ова лице необезбедено односно да воопшто да немаат контакт со него од 8.11.2018 година, па се до денес, што само дополнително го поттикнува прашањето за
доследното и професионално следење на протоколите односно процедурите за работење во
службите на МВР.

Имајќи ги во предвид константните критики за (пре)честата употреба на мерката притвор
со цел обезбедување присуство, дополнително и неизбежно се поставува прашањето-Дали
поблагите мерки за обезбедување присуство на лица се всушност спроведливи во пракса, како би се превенирале ситуации на ,,исчезнување” на обвинети или осудени лица и дали можеби затоа судот односно обвинителството, често ,,посегнуваат” по мерката притвор? Меѓутоа, очигледно е ипрашање во поглед на тоа, во колкава мера институциите се спремни да соработуваат и да се координираат меѓусебе, како би ги остварувале целите на своето постоење и би спречиле ,,еродирање” на државните граници кога станува збор за ,,влијателни” осуденици?, наведува Коалицијата ,,Сите за правично судење”.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари