Коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“, денес, пред Уставниот суд поднесе иницијатива за процена на законитоста на одлуката на Владата, со која граѓаните на Србија летово се ослободуваат од патарини.

Правниот претставник на коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“, адвокатот Абидин Абдули, откако ја поднесе иницијативата до Уставниот суд, изјави дека секоја одлука на Владата треба да биде во согласност со позитивните закони на земјата.

„Наведената одлука е во спротивност со Законот за уплата на патарините и во исто време ги става во нееднаква положба странските граѓани на соседните држави, кои транзитираат преку Северна Македонија“, посочи Абдули.

Минатиот месец Владата соопшти дека српските граѓани од 15 јуни до 15 август ќе бидат ослободени од патарини во земјата во знак на благодарност за донациите во вакцини.

makfax.com.mk