До крајот на неделава се затвора модуларната болница во Гостивар. Според директорот д-р Јакуп Јакупи тоа е поради намалениот број на пациенти, но и поради тоа да им се обезбеди простор на истражителите кои најавиле дека ќе вршат безбедносни проверки, објави Алсат.

По трагедијата во Тетово, доктор Јакупи вели дека секојдневно се прават безбедносни проверки, како на електриката така и на сите инсталации во неа.

„На инфективното одделение сабајлево имаше 18 пациенти, од кои четири се испишани, занчи 14 пациенти, од кои седум се на кислородна поддршка. Двајца се во потешка општа состојба. Во модуларната болница имаме само тројца пациенти, не се на кислородна поддршка и рачунаме до петок да се пуштат и модуларната болница привремено да се затвори“, рече Ратко Наумовски, Инфективно одделение во болница Гостивар.

И додека едни се затвораат, планираните модуларни болници чии градби се во тек, од Министерството за здравство велат дека се одвиваат со планираната динамика. Во тек е велат оттаму – стручна консултација за градежните работи.

„Во тек се консултации и стручни согледувања, пресек по однос на изведените градежни и градежно-занатски работи со стручниот надзор, ангажиран од страна на Министерството за здравство. По согледувањето од стручниот надзор, а во врска активностите на терен се работи на дообезбедување на инфраструктурни приклучоци и запазување на временски рамки поврзани со градежниот процес. Притоа сакаме да напоменеме дека рокот за реализација изнесува 60 дена, односно два месеца“, наведоа од Министерството за здравство.