logo
logo
logo

КИНО КУЛТУРА СИ ЗАМИНА ОД КИНО КУЛТУРА, после финансиска агонија и недоволна политичка волја

Vecer | 05.03.2021

КИНО КУЛТУРА СИ ЗАМИНА ОД КИНО КУЛТУРА, после финансиска агонија и недоволна политичка волја

Кино Култура заминува од Кино Култура, а како што соопштија преку писмо до јавноста завршува приказната  после долга финансиска агонија и недоволна политичка волја за поддршка иако како што велат сакаат идејата да продолжи и понатаму.

- Си одиме од просторот, но идејата за Кино Култура како простор на слобода, кој ќе се гради низ соработка, каде ќе се продуцира и гледа  еден поинаков театар, танц, уметност воопшто, каде ќе се мисли поинаку, продолжува понатаму, велат во писмото од   Слободан Унковски, Александар Поповски, Биљана Тануровска – Ќулавковски, Мирко Попов и сите останати.

- Крајот на 2020 го одбележа и крајот на работа на проектниот простор КИНО КУЛТУРА. Го отворивме во декември 2015, и во текот на овие, скоро пет години, поединци, соединети преку две организации (Театар Навигатор Цветко и Локомотива) развиваа простор кој пред сè беше замислен како ново место за театар, танц, перформанс, но и за останати содржини кои доаѓаат од пошироката културна и граѓанска сцена, стои во писмото.

Оттаму додаваат дека просторот бил замислен како начин ќе ја продолжи мисијата на Мала Станица.

- Еден простор во кој во 90те некои од нас учевме како да создаваме вонинституционална култура, да креираме нов театар, но и изложби, филмови, и други активности, - заедно со другите организации и поединци. Некои од нас, тогаш студенти, работејќи учеа, создаваа, а и по затворањето на Мала Станица продолжија, развија други иницијативи, се потенцира во писмото.

После долги години самостојно работење, повторно се соединивме преку организациите во кои дејствуваме, вклучувајќи ги своите соработници, стари и нови, како и партнери, стари и нови.

Решивме заедно, во понаков облик да ја продолжиме идејата, или да ја прошириме и да направиме еден простор кој ќе даде можност, нови, млади, да создаваат, и ние да продолжиме и ги прошириме своите идеи.

За нас Кино Култура никогаш не беше зграда, беше идеја, желба да се продуцира нов театар, перформанс, танц, и други, нови содржини на сцената. Почнавме во време кога немаше место каде да се видиме, соединиме, разговараме и организираме, да се спротиставиме на едни репресивни политики, и да продуцираме содржини и знаење.

Направивме заедно повеќе од 30 продукции, донесовме повеќе од 500 меѓународни уметници, над 1000 дебати, предавања, конференции, работилници, детски програми и уште многу други содржини.

Но најмалку се важни бројките, креиравме идеја за заедничко работење, за инклузија, за развој, дадовме можност просторот да се гради себе си низ содржините и соработките. Ова не ќе беше можно без  поддршката на Општина Центар, и на неколкуте спонзори, на што сме особено благодарни.

Да не беше Ковидот, ќе направевме голема забава за затворање, која ќе значеше и отворање на нови видици и чекори напред.

Жал ни е што и покрај несомнените успеси и динамизација на македонската а особено скопската- оф култура, не ја добивме неопходната поширока поддршка од државата, од оние кои можат преку креирање на добри политики да потпомогнат ваква и слични идеји да растат, да се развиваат да живеат.

Одиме понатаму и ќе целиме, ќе заговараме, и ќе се бориме да создадеме достоен простор, институција за современи изведувачки уметности, сè со надеж дека јавноста и политиката еден ден ќе препознаат дека нашиот идентитет е пред сè културата, се наведува во писмото на уметниците од Кино Култура.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk