logo
logo
logo

Келнери, шанкери, готвачи МАСОВНО ЗАМИНУВААТ ВО ХРВАТСКА, во Македонија ќе нема кој да работи

Vecer | 26.05.2022

Келнери, шанкери, готвачи МАСОВНО ЗАМИНУВААТ ВО ХРВАТСКА, во Македонија ќе нема кој да работи

Работниците од Македонија од угостителскиот сектор масовно заминуваат во Хрватска на работа за летната сезона, во период кога македонските угостители кубурат со вработени. Парите се главната причина. Огласите на кои нашите сограѓани се пријавуваат во Хрватска се движат од 800 до 1000 евра за келнер или шанкер.

Но, некаде платите достигнуваат и до 1.500 евра, а бонусите и обезбеденото сместување  се мотивација плус за да работат во Хрватска. Покрај Хрватска „хит“ дестинација е и Грција, пишува Порталб.

„Заминувам за плата од 1.300 евра, ќе работам повеќе од 8 часа, но морам да заминам барем три, четири месеци. Трошоци за сместување, за храна немам",  вели вработена во една скопска кафеана.

Летниот „шпиц" официјално почнува на 1 јуни, но дел од „сезонските работници" веќе заминаа и во мај. На хрватското крајбрежје и на островите се бараат шанкери, келнери, готвачи, хигиеничарки, пица мајстори. Висината на платите зависи од работната позиција, работните часови, искуството, но платите генерално не се пониски од 900  евра месечно. Огласите се преполни со понуди: „Работа за главен кувар, помошник кувар, пица мајстор во ресторан покрај море. Платата на главниот кувар изнесува 1.485 евра, на пица мајсторот 1.215 евра".

За главен кувар месечната плата во некои од хрватските ресторани  достигнува скоро 1.800 евра, а на келнер може да надмине и 1.200 евра.

Сезоната завршува во октомври, што би значело дека со месечна плата од најмалку 1.000 евра и со платени трошоци од страна на работодавачите, за четири месеци се заработуваат 4,000 евра, без вклучен „бакшиш" кој во атрактивните туристички места и преплавените ресторани со гости може значајно да ја „набилда" оваа сума.

Македонскиот угостителски сектор "кубури" за кадар

„За време на пандемијата, ковид мерките, карантините се трудевме да ги задржиме вработените. Се користеа сите можни мерки од државата за да се спаси секое работно место, плаќавме давачки и кога не работевме или работевме со загуби. Сега се соочуваме со нов проблем, речиси е невоможно да се најде обучен кадар за вработување  во угостителството. Во некои угостителски објекти платите надминуваат и 40.000 денари, но и со овие плати тешко е да се задржат вработените да не заминат во странство, особено помладите", вели сопственик на еден ресторан.

Угостителството заедно со хотелиерството беа во групата најпогодени сектори од ковид-пандемијата, голем дел работеа со загуби, плаќаат сметки, давачки, плати иако работеа под рестрикции. Сега се соочуваат со масовен одлив на квалификуван кадар.

Според податоците од Агенцијата за вработување, овие дејности високо котираат според бројот на слободни работни места – на четврта позиција со слободни скоро 1,000 работни места.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk