КРУШЕВО

"Казанот не се прави од секој бакар"

Некогаш казанџискиот занает во Македонија бил баран и ценет. Казанџиите ги изработувале сите садови за во домаќинството: тенџериња, тепсии, котли, ѓумови, казани..., а прочуени казанџии биле крушевчани. Но, денес за казанџискиот занает никој нема интересирање, а од познатите и многумина крушевски мајстори, занаетот, останал да се негува само во семејството Димоски.
Чеканчето на прадедото
Звукот ја разбива тишината во казанџиската работилицата на 70-годишниот, Анастас Димоски - Шури, еден од ретките мајстори во Македонија кој прави казани. "Казанџискиот занает се изработува од бакар, но од секој не може да се направи казан. Ние овој материјал го добиваме од Србија, од Бор", раскажува мајстор Анастас и удира по бакарниот капак за новиот казан, со старото 120-годишно чеканче, наследено од неговиот прадедо.
За изработка на казани за ракија се потребни двајца, и тоа мајстори, па на Анастас, често во изработката на казаните му помага и неговиот брат Јанко.
"Казанот, еден мајстор не може сам да го изработи, оти е тежок. Мајстор, мора да биде и тој што ќе држи, секој не може", вели тој.
Занаетот е тежок, но исплатлив. Казанот, со двајца добри мајстори се изработува за една недела. Заварувањето - тајна "Овој сега што е направен, е од 120 литри. Ова е фурна наменета за најбргу да го загрее казанот. Алкохолот што се вари, во пареа, бега во капакот. Има цевка. Таа цевка дирекно оди во резервоарот, 300 литри вода го лади алкохолот и се претвора во ракија", ги покажува Анастас деловите кои ги изработува за еден казан, и продолжува да удира со чеканчето по бакарниот капак поствен на металната шипка наречена "цанго".
"Таа тука стои еден век," вели тој и додава: "Ова е пеглање на бакарот. Ова што е како инка, се заварува со калај однатре, оти ако не е заварено ќе диши, алкохолот бега. Казанот се составува со смеса правена од неколку материјали: цинк, месинг... ние си знаеме, ја правиме, ја топиме, ја толчиме, и така се заварува бакарот. Инаку, не може да се направи казан, ако не е ова", ни покажува мајсторот како го изработува казанот кој треба да испече 25 до 30 литри ракија. Но, иако доходовен, занаетот не сака никој да го учи, се жали казанџијата: "Немаме деца да го продолжат занаетот. Штом нема наследници, занаетот пропаѓа! Сега ние останавме последни," вели со тага мајсторот Шури.(Би Би Си)

Поврзани

Најнови вести

Коментари