Се комплетира канцеларијата

Катица и 14 обвинители на специјална задача

Станува збор за професионалци од обвинителствата во повеќе градови во државата и од Одделот за гонење на организиран криминал. За нив допрва треба да одлучува Советот на обвинители, а Јанева најави дека до 15 октомври ќе го пополни тимот и со извршители

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го претстави изборот на 14 обвинители кои ќе бидат нејзини помошници и списокот го достави до Советот на јавни обвинители на Македонија, кој треба да одлучи дали ќе го прифати. Таа истакна дека станува збор за професионалци кои уживаат доверба и кои имаат висока репутација и додаде дека се надева дека Советот мошне бргу ќе ги прифати и со тоа ќе овозможи нивна успешна работа.

- Обвинителите се познати во својата професионалност и го замолив Советот што поскоро да одлучи за нивниот избор за да може да почнеме со работа. Би сакала да нагласам дека бројот на јавни обвинители што е предложен е неопходен за успешни работење на Специјалното јавно обвинителство, поради што се надевам дека и Советот, имајќи ги предвид кратките временски рокови за формирање на тимот, ќе ја потврди довербата во колегите со нивен избор за јавни обвинители во Специјалното јавно обвинителство, рече Јанева.

Станува збор за Артан Ајро, Гаврил Бубевски, Дарко Јакимовски, Марија Ѓоргева, Снежана Бундалевска, Трајче Пеливанов, Елизабета Јакимовска и Фатиме Фетаи од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Бурим Рустеми од ОЈО Куманово, Елизабета Јосифовска од ОЈО Гостивар, Лејла Кадриу од ОЈО Тетово, Љубомир Лапе од ОЈО Крива Паланка, Стефчо Донев од ОЈО Кочани, и Лиле Стефанова од Обвинителство за организиран криминал и корупција.

Составот на обвинителите на Јанева е мешан, дел од нив се тотално непознати за јавноста, а дел од нив веќе работеле на големи и тешки криминални случаи и корупција. Најпознато име е секако на обвинителот Лиле Стефанова од Одделот за гонење на организиран криминал. Таа ги водеше случаите „Маѓар телеком", „Шпион", „Ликвидација", „Фаланга 2" и "Машинопромет".
Стефанова веќе ја води предистражната постапка за случајот „Маѓар телеком" и го вршеше четиричасовниот распит на поранешниот шеф на тајната полиција, Слободан Богоевски.
Обвинителот Снежана Бундалевска работеше на случајот "Тајвански кредити", во кој обвинети беа Васил Тупурковски и Јован Андонов - Реган, додека обвинителот Дарко Јакимовски го водеше предметот за убиството на матурантот Ангел Петковски во населбата Ѓорче Петров. Обвинителот Пеливанов го застапуваше обвинението против очниот лекар Дејан Ставриќ" кој доби осудителна пресуда за примање поткуп додека обвинителот Кадриу е член на работната група за изработка на предлог-текст на Законот за јавно обвинителство.

За да се докомплетира тимот на Јанева и да се создадат услови за работа таа треба да го подготви и достави списокот на истражители кои ќе и бидат на располагање и кои ќе ги истражуваат предмети. Таа најави дека списокот ќе го достави во рамките на предвидениот рок односно до средината на октомври.

Истражителите кои ќе бидат во мојот тим ќе бидат познати до крајниот рок како што е предвидено, односно 15 октомври, изјави Јанева. 

Специјалното обвинителство допрва треба да ги добие и официјалните простории каде што ќе биде сместено, бидејќи сега се работи во две канцеларии кои се отстапени во министерството за Правда а кои според Јанева се доволни за подготовка на оперативниот дел. Дури тогаш ќе се создадат услови за работа и на Специјалното обвинителство ќе почнат да им се доставуваат предметите кои ќе треба да ги работат меѓу кои се клучните "Пуч" и "Прислушување".
Иако засега е неофицијално Специјалното обвинителство ќе биде задолжено и за ред други предмети кои произлегоа од објавените разговори но и за афери кои датираат и до пред десетина години.

Според Законот за Јавно обвинителство кој на 15 септември беше усвоен од Собранието на РМ и претседателот Ѓорге Иванов го потпиша указот за негово прогласување, Јанева има мандат од 4 години со можност за реизбор и рок од 18 месеци да покрене обвинителен акт кој произлегува од случајот "Пуч" и прислушуваните разговори. (О.Ч.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари