„Какво Косово, јас сум Албанец, но ќе си навивам за Македонија“!

Едно од полуфиналињата од групите Д во лигата на нации ќе се игра во Скопје, а ќе ни гостува Косово. Дуелот закажан за во март 2020 уште отсега ги разгоре страстите, зашто мечот многу повеќе ќе добие политичка конотација во односот на Македонците и Албанците, отколку во спортска борба на два соседи на патот кон историски настап на еден континентален шампионат.

Одамна е позната навивачката нетрпеливост на Македонците и Албанците во домашниот фудбал, голема е нетрпеливоста и во поголем број на секојдневни случувања, па најголемиот дел нормално очекуваа длабока поделеност и за најважниот меч за двете земји – Македонците да си навиваат за Македонија, а Албанците за Косово.

Откако Косово на спектакуларен начин со 4-0 го победи Азербејџан и закажа пресметка со Македонија во полуфиналето, многу македонски Албанци, помалку и изненадувачки, објавија за кого ќе навиваат и тоа е – Македонија.

„Какво Косово, јас сум Албанец, но ќе си навивам за Македонија", пишува еден Албанец во коментари.

„Ќе се навива за Македонија! Не ги мешајте Хасани, Алиоски, Пандев, играчите доаѓаат и си одат, репрезентацијата останува. Немојте да нè делите", пишува друг.

На Балканот политиката има примарно место, а сета нетрпеливост секогаш произлегува од политичките односи, па сето тоа се прелева на секојдневниот живот, спортот...

„Оставете политиката на страна. Драго ми е што се пласираа Косово и Македонија, па сега кој е подобар спортски нека победи. Косово нека си навива за Косово, ние ќе си навиваме за Македонија. Јас не живеам на Косово за да навивам за нив, јас живеам во Македонија и тоа е моја држава и нормално е за неа да навивам", додава друг Албанец.

Мечот Македонија – Косово ќе се игра во март 2020 година. Дотогаш како ќе одминуваат деновите, така ќе зоврива и атмосферата, зошто и за двете земји шансата е историска. Нормално, веројатно нема сите Албанци во Македонија да навиваат за Пандев, Хасани, Барди, Алиоски, Трајковски, Тричковски и останатите. Тие со жешки глави, наводно „навивачи" ќе навиваат против Македонија, но одчигледно е дека има и нормални, кои оваа држава ја сметаат за своја и ќе се радуваат на успех кој може да стане и историски со пласман на Евро 2020 низ Европа.

Поврзани

Најнови вести

Коментари