Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска во Софија се сретнаа со Главниот обвинител на Обвинителството на Република Бугарија Иван Гешев.

Двете страни на средбата ги разгледаа прашањата од заемен интерес, особено поврзани со соработката во кривичните постапки и во борбата против организираниот криминал.

Јовески и Русковска во Софија учествуваат на меѓународната конференција „Заштита на еврото во Бугарија, земјите од Југоисточна Европа и балканскиот регион – постигнувања и предизвици пред правосудните органи“, која е организирана во рамките на проект со финансиска поддршка од Европската комисија преку програмата „Перикле 2020“.

Јавните обвинителства на Република Северна Македонија и на Република Бугарија имаат потпишано Спогодба за соработка во 2015 година, со која се предвидува зајакнување на контактите меѓу македонските и бугарските обвинители, како и соработка во сите области од обвинителското постапување.

makfax.com.mk