Пред два дена, во саботата се направи третата трансплантација на срце во историјата на нашата земја.

Овој пат беше најден трет донор, откако претходно тоа го сторија семејствата на Емилија Динева и младата девојка Верица Белчовска. А покрај трансплантацијата на срце, на двајца пациенти дополнително им се трансплантираа бубрези.

Министерот за здравство Венко Филипче утрово откри дека 40-годишната Јасмина Василковска е донорот со чие срце изминатиот викенд беше направена третата трансплантација во историјата на македонското здравство, а таа била мајка на 10 – месечно бебе, посветена сопруга, сестра и снаа.

Министерот денеска се сретна со мајката и таткото на Јасмина, кои покрај нејзиното срце, се согласија и да ги донираат нејзините бубрези.

„Утрово се сретнав со семејството на 40 годишната Јасмина, жената донор на срце и бубрези, која спаси три човечки животи. Немам зборови со кои може да ја опишам големината и човечноста на семејството Василковски кои во саботата во моменти на најголема болка, одлучи да ги донира нејзините органи. Јасмина беше мајка на 10 месечно бебе, посветена сопруга, добра сестра и снаа. Василковски се скромни луѓе, нивниот хуман и несебичен гест,никогаш нема да го заборавиме, остануваме поддршка и секогаш сме овде кога ќе треба да им се помогне.“

Срцето на Јасмина сега чука во градите на 39-годишна жена.