КАБИНЕТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

Иванов врачи седум медали за храброст

Потполковник Орце Јордев, мајор Драганчо Војнески, мајор Димче Велков, постар водник Стојче Стоилов, постар водник Зоран Ристов и водник Зоран Трајков, сите припадници на Полкот за специјални операции, кои минатата година доброволно се пријавија да го извлечат телото на загинатиот работник Влатко Илиовски од рудникот Бучим", во екстремно тешки и опасни услови, се закитија со медал за храброст што го доделува претседателот на државата Ѓорѓе Иванов. Највисокото признание го доби и храбриот Сами Нуредин, кој, пак, во јануари 2010 година без размислување скокна во водите на Вардар за да го спаси животот на 24-годишна давеничка. Сличен подвиг Сами направил и во летото во 2009 година, кога успеал да спаси младо момче кое се давело во водите на Треска во Сарај.

Претседателот Иванов на свечената церемонија која се одржа во вилата Водно", истакна дека храброста и пожртвуваноста се основни, но ретки човечки доблести. Сепак, тој е задоволен од храброста која е присутна кај граѓаните која не познава и не признава етнички, религиски или јазични разлики.
- Храбри граѓани на Република Македонија, вие покажавте дека вистинскиот хероизам извира од желбата да им се помогне на другите и по цена на сопствениот живот. Со вашата искрена пожртвуваност направивте големи дела и со тоа давате пример на останатите. Затоа, сакам да знаете дека сме ви благодарни за она што го направивте и бидете уверени дека нашата татковина е среќна што има вакви храбри луѓе, истакна Иванов.

Како што додаде шефот на државата, Македонија е среќна земја и земја на храбрите и чесните кои го ценат животот како дар од Бога.
Потполковникот Орце Јордев рече дека првпат во поновата историја на самостојна Македонија на припадници на АРМ и цивили им се доделуваат медали за храброст.
- Припадниците на Армијата уште од времето на Александар секогаш имала херои и херојски настани, моменти на храброст и пожртвуваност. Современите предизвици претставуваат посебен поттик за припадниците на АРМ да продолжат со надградување на знаењата и посветување кон професијата, изјави Јордев.

(Е.А.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари