Иванов му одржа лекција на бугарски новинар (ВИДЕО)

Зошто се заканувате да ја дестабилизирате Македонија и регионот со неприфаќање на договорот, зошто и го правите тоа на својата држава и на својот народ и дали бркањето на премиерот Заев од вашиот кабинет е пример за дијалог, го праша новинар од Бугарија македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, на денешната прес конференција во Софија со претседателот на Бугарија, Румен Радев.

На овие прашања Иванов им порача на новинарите да не подлегнуваат под медиумски шпекулации, откако претходно ја искритикува одлуката на бугарскиот премиер, Бојко Борисов, да не го прими на средба велејќи дека дијалог е потребен.

-Вие треба да ја имата вистината за цел. Не сум избркал никого од својот кабинет. Јас имав средба и за прв пат ми беше даден документ во кој не сум вклучен ниту запознаен, и затоа немав што да разговарам на таа средба. Затоа и беше со кратко траење. Не сум бил вклучен во создавањето на тој документ, зошто да бидам тој што ќе го легализира, како го создале, донеле без мое учество така и нека го завршат без мое учество. Тоа е принципиелен став, затоа што согласно уставот и законите на Република Македонија претседателот е надлежен за склучување на меѓународен договор. Претседателот бил исклучен од цел процес, зошто да легализирам туѓа активност и постапка, за која е прекршено она што е создадено како консензус на државниот врв – нема промена на уставот и нема прифаќање на ерга омнес. Нивна е одговорноста и одлуката. Не прифаќам квалификации дека сум попречувал стабилност на регионот. Се знае кој е тој што овие години ја доведе Македонија во ваква состојба, се знае кој ја блокира Македонија и влијае на нејзината иднина, се знае кој го попречува правото на просперитет на еден народ. Бидете умерени во ваши квалификации и не потпаѓајте под туѓи влијанија – рече Иванов.

Тој додаде дека не може да го прифати договорот затоа што е спротивен на Уставот, законите и консензусот на државниот врв.

-Ова е личен акт и лична одлука на еден премиер кој не ги земал во предвид сите последици на таков договор, кој создава многу прашања и неизвесност во Македонија и во регионот. Не може членството во НАТО и во ЕУ да бидат алиби за штетни и поразителни договори – порача Иванов.

Поврзани

Најнови вести

Коментари