Иванов и Буриќ разговараа за унапредување на регионалната соработка

Претседателот Ѓорге Иванов денеска имаше средба со Марија Пејчиновиќ Буриќ, заменик претседател на Владата и министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска. Двајцата соговорници констатираа дека двете земји имаат пријателски односи со висок степен на меѓусебна доверба и заеднички заложби за унапредување на регионалната соработка, мир и стабилност во регионот. На средбата беа разменети мислења за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, како и за актуелните состојби во однос на исполнување на стратешките цели на земјава за членство во ЕУ и НАТО.

Иванов се заблагодари за отворената поддршка од Хрватска за евроинтеграцискиот процес на земјава и оцени дека новата Стратегија за проширување на Европската комисија е позитивен сигнал за преземање на одлучувачки чекори за Република Македонија и определување на датум за почеток на преговори за членство на Советот на ЕУ во јуни. Иванов се заблагодари за конструктивниот став на Хрватска дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.

Македонскиот претседател посочи дека двете земји треба да се фокусираат на проекти од значење за економскиот развој и изрази очекување дека успешната и континуирана соработка во одбраната, како и соработката за справување со мигрантската криза, ќе продолжат и во иднина.

Во насока на интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво, претседателот Иванов изрази задоволство од претстојната официјална посета на хрватската претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ на Република Македонија и нејзиното учество на состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи на 28 април во Скопје. Процесот Брдо-Бриони, потенцираше претседателот Иванов, е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари