Магистерски труд на младиот дизајнер од Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ

Иван Дургутовски за дизајнот на списанијата во ерата на дигитализацијата

Студентот Иван Дургутовски од Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ во својот магистерски труд со наслов: „Дизајнот на списанијата во новата ера на дигиталните медиуми: идентитет, комуникација, перцепција" прави паралела на дизајнот на развојниот процес на печатените медиуми. Дургутовски, го заврши и првиот циклус на студии на ЕУРМ и е еден од најпродуктивните и најнаградувани млади дизајнери во земјава

Темата на магистерски труд на младиот дизајнер Иван Дургутовски е „Дизајнот на списанијата во ерата на дигитализацијата", а истата е изработена под менторство на проф. Д-р Гордана Вренцоска. Во трудот се прави осврт на дизајнот на печатените медиуми и на медиумите воопшто, но и на развојот на комуникацијата и на перцепцијата од праисторијата до денес. Во овој труд се земаат примери на списанија од светската сцена, но и оние од Македонија, за да може да се направи паралела на развојниот процес на печатените медиуми.

Освен основните елементи и принципи за средување на едно списание, се обрнува внимание на визуелниот идентитет како основа за градење на еден бренд, на комуникацијата како клучен дел од процесот на пренесување на информации и на перцепцијата и нејзината моќ да ги промени нештата што ги гледаме.

Следејќи ги глобалните трендови поттикнати од брзиот технолошки развој, печатените медиуми се соочуваат со процесот на дигитализација. Токму тој феномен е детално разработен во едно од поглавјата, исто како и нераскинливата врска што се гради помеѓу дигиталните и печатените медиуми, која им помага заедно да функционираат и да се надополнуваат. Во последниот, односно практичниот дел, се претставува комплетниот процес на создавање на студентското списание „Излез" и на книжевниот додаток „Ш" – од идеја до реализација, етапно, со сите методолошки постапки на истражување, преку спроведување квалитативна и квантитативна анализа, па се до добивање на финалниот изглед. Понатаму се прикажуваат и примената и адаптацијата на новоизградениот идентитет при дизајнирањето на најразлични промотивни материјали, поврзани со списанието. Во контекст на дигитализацијата како процес, се прави осврт и на дигиталното функционирање на списанието како медиум, но и на другите форми на комуникација.

Паралелно со развојот на науката и на технологијата, се менуваат и медиумите, а тоа има директно влијание врз животниот стил на луѓето и ги менува нивните навики. Хартијата полека се заменува со електронските уреди, особено за помладите генерации. Но не е се толку црно. Технологијата, од друга страна, ни овозможи инстант пристап кон информациите што се пренесуваат со брзина на светлината. Благодарение на тоа, нивото на информираност кај луѓето оди едно ниво погоре, а тоа покажува дека стануваме помалку зависни од печатените медиуми, но за сметка на тоа станавме уште позависни од дигиталните.

Денес, секој може да биде медиум, да известува, документира, споделува и да објавува информации. Тоа е уникатна можност, комплетна слобода, која човештвото ја доживува првпат во историјата. Секако дека стапката на појава на злоупотреба и на погрешно користење е многу поголема од претходно, но на крајот тоа е сосема нормален чекор во дигиталната еволуција. Како полека стануваме свесни за дигиталната писменост така се менуваат и нештата во дигиталниот свет. Се менуваат правилата и регулативите за објавување, користење и споделување податоци, официјалните извори и институции стануваат поригорозни во поглед на авторските права, а луѓето веќе можат да разликуваат дали информацијата е автентична и релевантна или не.

Како автор на овој магистерски труд, Иван Дургутовски искрено се надева дека тоа што го напишал и систематизирал во иднина ќе послужи како водич за младите генерации на дизајнери кои допрва треба да го менуваат лицето на медиумите во нашата земја, а дали брзиот развој на медиумите и големата слобода на изразување ќе не однесе ниво погоре, останува да видиме.

Поврзани

Најнови вести

Коментари