Министерството за здравство изминатите денови исплатило 399.427.860 денари за набавка на вакцините против Ковид-19, пишува Фактор.мк.

Оваа сума ја најави премирот Зоран Заев минатата година при тоа истакнувајќи дека станува збор за околу 800.000 дози од Ковакс-системот.

Сепак од министерството велат дека испораката е деловна тајна и дека според договорот не можат уште сега да потврдат од кој производител ќе бидат и за колкав број на дози се работи.

– Многу пати досега информиравме дека клучен сегмент од договорите за набавка на вакцините против Ковид 19 е тоа што секоја држава па и нашата се обврзува на доверливост на склучените договори и примените информации. Сумите за набавка на вакцините против Ковид 19 се деловна тајна на производителите и нашата земја се обврзува да го почитува тоа, бидејќи во спротивно нема да бидеме во можност да купиме вакцини, гласи нивниот одговор за Фактор.мк.

Премиерот Заев минатата година во дебатата со новинарите рече дека се планирани 390 милиони денари, односно 6,7 милиони евра, Беше изнесено дека проекцијата е 800 илјади вакцини, посочувајќи цени од некои производители од 10,47 евра за вакцина односно за двете дози 21 евро. Македонија е во КОВАКС-системот преку кој се резервирани вакцините. Заев соопшти дека авансот ќе се плати веројатно на почетокот на декември, а во 2021 ќе бидат и 390-те милиони денари, односно 6,7 милиони евра.

Во декември беше исплатен авансот за Ковид-вакцината, а на владина седница беше утврдена банкарската гаранција како потврда дека ќе биде исплатена целата сума за набавка на вакцината.

„Во делот на набавка на вакцините би сакал прво да повторам дека веќе се обезбедени 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот. Во рамки на овој систем ќе ги добиваме вакциниите согласно планот за дистрибуција кој ќе го одреди Ковакс за кој наскоро ќе добиеме информации од нив. Вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021. Покрај овој механизам, започнавме преговори односно доставивме формални барања за обезбедување вакцини уште преку други два механизми. Првиот е во директни преговори и директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините. Пуштено е формално барање за понуда до две компании, „Фајзер“ и „Астра Зенека“ и се надеваме дека наскоро ќе имаме формална понуда од нив“, рече премиерот Заев.

Тој истакна дека е обезбеден и трет механизам преку Европската унија за дополнителни 800.000 вакцини преку ЕУ од вкупно 200 милиони вакцини за земјите членки и уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата.

Засега е потврдено дека Македонија ќе добие до 175.200 дози вакцини од „АстраЗенека“ во март. Веста ја соопшти Министерството за здравство по допис добиен од Ковакс системот за првата испорака на вакцината против Ковид-19 во земјата.

Од Министерството за здравство велат дека е исплатена првата пратка за Ремдесивир, по најавите дека се обезбедени 67,5 милиони денари за овој лек против корона-вирусот.