Почитувани академици, членови на МАНУ, уважени гости,

Во вториот дел од ова експозе,  ќе се осврнам на неколку клучни прашања од значење за МАНУ и за Македонија. Пишувањето на ова експозе вклучи користење разновидна литература, којашто ќе биде вклопена во интегралниот и проширен текст на ова експозе, текст што наскоро ќе биде објавен во некое од изданијата на МАНУ.

Во ова кусо авторско обраќање, дури ни во проширениот текст, не е можно да се направи целосна анализа на социјалните, општествените, економските и геополитичките предизвици со кои ќе биде соочена Македонија во 2021 година и во наредните години. Сепак, се надевам дека дискусијата предложена тука ќе фрли светлина врз предизвиците со кои се соочуваме, нудејќи размислувања кои евентуално би биле корисни за истражувачите и за креаторите на политики.

Пандемијата и глобалниот поредок. Живееме во свет што се наоѓа на граница меѓу две епохи, време во кое тешко можеме да ја осознаеме, видиме, перципираме новата епоха. Пандемијата веќе предизвика низа каскадни кризи во здравството и во економијата.

Тие кризи, за жал, заради нерамномерното, несоодветно, себично и гео-политизирано справување со пандемијата ќе бидат уште повеќе засилени. Пандемијата го стави на тест светот, укажувајќи на инхерентните слабости кои досега беа забошотувани, во рамките на една држава, но, многу повеќе, и во транснационалните институции.

Интересот што стои зад национализмот и неговите институции (на пример, националната држава) –  достоинство на личниот идентитет – пандемијата го зацврсти. Така, транснационалните институции (ООН и нејзините агенции, ЕУ и нејзините институции, воените сојузи) и глобалните процеси, а не националните држави, ќе бидат доведени во прашање и, најверојатно, до одредена мера, ќе станат жртви на пандемијата.

Пандемијата го интензивира ривалитетот меѓу САД и Кина, ги зголеми трендовите што постоеја со години во нивната борба за економска доминација, ги интензивира дезинформациите, невистините, и теориите на заговор меѓу двете држави во битка за влијанието во меѓународното јавно мислење, но и како средство за остварување на економската доминација, и ја помести глобалната рамнотежа на моќ од Запад кон Исток.

Постепено раздвојување на глобалната економија, прво, ќе ги забави економските движење и процеси,  но, долгорочно, неговото влијание ќе биде значајно и ќе предизвика: пренасочување на синџирите на снабдување, одложување, во некои земји, на имплементацијата на 5Г-технологијата, кој нема никаква врска со здравствените предизвици туку е само технолошки напредок, како и значителните политички тензии. Тоа значи, меѓу другото, постепен, но траен пораст на економскиот национализам и намалување на трговијата.

Постои ризик дури и отворените економии да донесат економски политики во спротивност со глобализацијата, на пример, блокирање на извозот за да спречат, во случаи на идни кризи и повторно затворање на границите, појавување на недостаток и/или залихи на средства.

Во таа светлина треба да се пишуваат новите стратегии за економски развој на Македонија, но и да се анализираат договорите со нашите соседи и идните политики на ЕУ за проширување.

На кои појави/институции пандемијата ковид-19 ќе влијае најмногу и кога ефектите ќе бидат видливи? Одговорот на ова прашање бара детална, сеопфатна анализа на различни сценарија, коишто зависат не само од политичкиот, правниот, економскиот и другите општествени системи во дадена земја, но и од геополитичката мапа на светот, што полека ќе се воспостави по пандемијата.

Би сакал да подвлечам две работи, прво, времетраењето ќе биде многу помало – ефектите врз институциите на пандемијата ќе пристигнат побрзо, и, второ, воспоставувањето на новата (квази)рамнотежна состојба (на економските институции, но и пошироко) ќе биде проследена со многу поголеми флуктуации, шокови и екстремни настани.

МАНУ веќе започна соработка со Стопанската комора на Македонија и се очекува некои од економските предизвици да бидат адресирани токму преку оваа соработка. Тука, ќе укажам на една работа, за која зборувал Адам Смит во 18 век.

Смит, инаку, раководител со Катедрата за морална филозофија на Универзитетот во Глазгов, во 1776 година пишува: „Трговците и производителите ниту се ниту треба да бидат владетели на човештвото“. За жал, не само во Македонија, туку и во многу држави на планетата Земја, на клучните позиции за носење одлуки и креирање политики се наоѓаат трговци и/или производители или луѓе тесно поврзани со нив.

Предизвиците во Македонија. Според мое мислење, Македонија, во последните неколку години, постепено, а конечно во 2020 година, стана центар на регионалната дестабилизација. Тоа се случи, во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста, но делумно и поради сличните појави и однесувања од дел од ЕУ-државите.

Резултатите од дестабилизацијата се веќе видливи во Македонија катадневно, на пример, благо речено, во дивеењата што се случуваат во повеќе институции и на повеќе нивоа. Тие што не го гледаат тоа, всушност, не сакаат да го видат од ним (не)познати интереси.

Во доминантниот дипломатски дискурс на нашите политичари, стабилноста и просперитетот на Македонија се разгледуваат во контекст на два интеграциски процеса: членството во НАТО и во ЕУ. Притоа, за жал, доминантен е стереотипот дека овие процеси ја стабилизираат и ја мотивираат демократската, економската, општествената и безбедносната трансформација на Македонија.

Од друга страна, во текот на последните децении, регионот, вклучувајќи ги државите што веќе се во ЕУ, и покрај политиката на проширување, постигна мал, речиси незначителен напредок во клучните области на ЕУ. Можеби неколку децении се мал период, но впечатокот на многумина, вклучувајќи ме и мене, е дека бродот наречен Македонија полека но сигурно тоне.

Ако во процесот на интеграција во ЕУ, Македонија се соочува со барања и/или реформи кои не ги исполнуваат ниту многу други ЕУ-држави, ако некои напредни демократии го загубија кредибилитетот да кажуваат што се демократски вредности, кога и самите не ги почитуваат, ако Македонија се соочува, благо кажано, со бесмислени и апсурдни уцени, што ни останува нам?

Што треба да направи МАНУ? Од временска дистанца од две години од потпишувањето на Спогодбата од Преспа, промената на Уставот и имплементацијата на Спогодбата, постои потреба да се разгледаат ефектите низ неколку аспекти: покрај геополитичкиот (глобален и регионален) аспект, треба да се земе предвид и аспектот на европската интеграција, но и внатрешните аспекти на (не)владеење на правото, демократските принципи, отчетноста и легитимитетот, вклучувајќи го и влијанието врз интра- и интеретничките односи во земјата.

МАНУ треба да создаде форум за отворена академска дебата на која ќе се слушнат различни мислења, а ниту една тема, па ни Преспанската спогодба, не смее да се третира како табу-тема. Нема потреба од идеализираниот пристап според кој спогодбите се исклучиво штетни/корисни. Спогодбите не се запишани во камен, а нивната вредност се мери само преку тоа колку даваат одговор на предизвиците и потребите на општеството.

Се разбира, МАНУ треба да направи детална анализа на одредбите од двата договора, со Бугарија и со Грција, со посебен осврт на нивната инхерентна поврзаност, кои веќе создаваат синергија која не беше предвидена или беше превидена во времето кога се потпишуваа спогодбите.

Тука, сакам да укажам дека за таа поврзаност зборуваше, уште во 2019 година, професорот Виктор Фридман. Неговите размислувања се објавени, во декември 2020 г., од реномираната англиска издавачка куќа Раутлич (Routledge), во книгата со наслов „Македонија и идентитетската политика по Спогодбата од Преспа“, во која е поместен неговиот труд „Чаша полна до половина или пехар со отров?

Спогодбата од Преспа и современиот македонски јазик“. Според Фридман, „ако формулацијата се толкува на тој начин, или ако Северна Македонија е принудена од ЕУ да ги прифати бугарските негирања за постоењето на македонските дијалекти, тогаш Спогодбата од Преспа ќе биде повеќе пехар со отров“.

Како понатаму? Ќе понудам само една размисла. Според многу истражувања, моралните избори се возможни, „но луѓето се наклонети да ги поддржуваат професионалните“ и (не)етичките „кодови на апстрактната државна машинерија“. Така, на пример, одбивањето да се учествува во геноцидот над Евреите не било казнувано со смрт ниту со каква било неправда.

Или, во некои држави, оние што одбиле да соработуваат со тајните служби на комунизмот не претрпеле никаква лична штета. Моралните избори треба да се однесуваат не само на поединци, туку и на институции, вклучувајќи држави.

Кои се нашите морални избори? За моралниот избор на секој поединец, граѓанин, академик, оставам тој сам да реши?

Моралниот избор на МАНУ е преточен во многу документи на МАНУ, за 2020 година тоа се, на пример, Промеморијата за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ и Ставовите на МАНУ во врска со реформите во образованието. Моралниот избор на државата Македонија е јасен.

За ова сум говорел повеќепати: за државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, на територијата на нашата држава и надвор од неа.

Ваквиот избор нема да имплицира неправда кон државата Македонија ниту нанесување каква било штета, напротив, тој ќе значи поголемо почитување од другите држави. За нас, Македонците, ваквиот пристап ќе значи само спокој и достоинство.

Едмон Бушие де Бел, кој заземал висока функција во главниот штаб на Источната армија, во Солун, и загинал во 1917 г., во завршните битки во Македонија, ќе ја напише книгата Македонија и Македонците (објавена постхумно, во Париз, и наградена од Француската академија), во која со автентични сведоштва пишува дека „Македонците имаат свој говор кој не е ни српски ни бугарски“ тврдејќи дека „Би се направила огромна грешка ако на Македонците се гледа како на етничка материја што може да се меси и дотерува по волја“.

Неверојатно, сто години подоцна, ние дозволивме, преку договорите со Грција и Бугарија, на нас да „се гледа како на етничка материја што може да се меси и дотерува по волја“.

Реформите во образование. Во врска со реформите во образованието во Македонија и односот на носителите и креаторите на политиките кон науката, уметноста и образованието, за жал, кажано со умерени зборови, тој однос е игнорантен, арогантен и непрофесионален.

Но, да почнам со ред и со фактите. Прво, во ноември 2020 година се спроведува, преку прашалник, истражување за состојбите во образованието. Резултатите покажуваат дека (дел од) наставниците се согласуваат дека се потребни реформи. Но, тоа се очекувани резултати – за потребата од реформи во образованието има поширок општествен консензус.

Клучното прашање е: какви реформи? Второ, на 23 декември 2020 година, се поставува на веб-страницата на МОН новата концепција за основното образование, со напомена дека коментарите, предлозите и сугестиите се очекуваат да бидат доставите најдоцна до 20 јануари 2021 година.

Трето, во јануари, пред да истече рокот – 20 јануари, ресорната министерка препорачува „сега е моментот за имплементација, веќе влегуваме во имплементација“. Ова покажува дека вистинска јавна расправа за концепцијата никогаш и не се планирала.

Така, фактот дека реформите во образованието кои се прават во колку што е можно покус рок, нетранспарентно, без вистинска јавна дебата, како и без вклучување на клучните релевантни научни и наставни институции во земјава, кои во меѓувреме, сите, се изјаснија против оваа концепција, уште еднаш покажува дека односот на политичарите спрема образованието, што не е првпат, не е само несериозен, туку е деструктивен и понижувачки.

Во една од најсиромашните држави во Европа се предлага концепција којашто не постои во ниту една друга држава, вклучувајќи ги и најнапредните образовни земји во светот. Според концепцијата, во основното образование треба да не се изучуваат посебно предметите физика, хемија и биологија.

Природните науки се основа за применетите науки, кои, пак, се фундаменти на континуираниот, инклузивен и одржлив економски раст во која било држава, па така и во Македонија. Така, во една од најсиромашните држави во Европа, во која социјалниот и општествениот статус на учителите е многу низок, се предлага концепција која можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно обезличување на професијата учител.

Однесувањето на ресорното министерство во врска со реформите во образованието ме асоцираше на решението што било предложено, во 1930-тите години од минатиот век, во Советскиот Сојуз.

Директорот на центарот за генетика Лисенко, од советските медиуми величан како гениј, предложил ваков излез на кризата во советското земјоделство: поради својата вродена итроштина и интелигенција, селаните сами ќе доаѓаат до најдобрите резултати во земјоделството! Во има на оваа „наука“, биле избркани биолозите и агрономите, а неговата „наука“ набрзо се претворила во хистерично владино барање за земјоделско самоснаоѓање околу посевите.

Така, во 21 век, во време кога се планираат првите населби на Марс, во име на нешто што се нарекува концепција, а сигурно не е концепција, избркани се сите клучни релевантни научни и наставни институции во земјава од цивилизациската придобивка: дијалогот.

Пристапот на Лисенко е познат како лисенкоизам. Со други зборови, во 21 век, во Македонија лисенкоизмот стана водечки пристап во „решавање“ на образовните проблеми. Пристапот беше погубен за Советскиот Сојуз, а сега се чини дека за нашето образование и за Македонија тоа што се предлага ќе има катастрофални последици.

Улогата на МАНУ. Во овие околности, каде е МАНУ и кое е неговото место во нашето општество? Веќе подолго време се залагам за јакнење на советодавната улога на МАНУ, при што МАНУ не треба да предлага одговори на политички прашања, туку да обезбеди информации, знаење и мудрост што поттикнуваат трансдисциплинарни дебати и промовираат советодавни активности при целосно зачувување на независноста на МАНУ.

Времињата се менуваат и МАНУ треба да се приспособи на тоа, продолжувајќи да инсистира на трансдисциплинарни соработки меѓу одделенијата и отворање нови форми на дијалог во рамките на МАНУ (без да се нарушат темелните вредности врз коишто беше изградена МАНУ).

Во таа смисла, трансдисциплинираните пристапи кон стратегиските прашања и предизвици на општеството, на пример изработка на концептот за образованието, стануваат неопходен приоритет на МАНУ.

Додека се залагам за потполна слобода на различни мислење на академиците, би сакал да подвлечам дека строго осудувам учество во дневнополитички активности што ја нарушуваат независноста на Академијата и го еродираат нејзин углед.

Имено, се залагам организациските единици (што се дел од структурната организација на МАНУ) да излезат со (официјални и архивирани) ставови во однос на различни прашања (на пример, реформата на образованието) и поддржувам тие ставови да бидат дијаметрално спротивни од мислењата на други организациски единици на Академијата, но остро осудувам средби со носителите на политиките што не се протоколарни, туку работни, на кои се зборува за круцијални предлози, концепти, решенија, а притоа да нема никаква трага во Деловникот на МАНУ.

Со други зборови, тоа се средби од кои не произлегуваат официјални и архивирани ставови, ниту, пак, има официјални барања за нивно одржување, како и материјали за предлози и концепции за кои ќе се дискутира, со еден збор, ништо од тоа. Ваквите постапувања само укажуваат дека „нешто е гнило во државата Данска“, што, за жал, ги поткопува темелните вредности на кои е изградена МАНУ.

Академијата, од нејзиното постоење до денес, секогаш, застануваше во одбрана на изворните принципи за кои таа и беше формирана. Во времињата што доаѓаат, таа треба колку што е можно повеќе да биде присутна во општествениот живот на земјата со нејзините научни и уметнички потенцијали.

Во спротивност, не треба да се изненадиме ако во иднина се постави, инаку во овој момент бесмислено, прашањето: за што служи МАНУ? Меѓутоа, не смееме да ги заборавиме зборовите на Магрис (Claudio Magris) дека додека идентитетот е бесконечна потрага, „загрижената одбрана на потеклото може да се претвори“, од една страна, „во заостанато ропство“, а од друга страна, при одредени околности, во „соучесничко искоренување“.

Овие зборови со точност до болка ја отсликуваат нашата потрага по идентитетот во последните 30 години: инсистирањето на античкото минато доведе до ропство, илузијата за европската иднина може да доведе до искоренување, истребување на македонскиот идентитет.

Би сакал, тука, да ги повторам зборовите на академик Владимир Костиќ, претседател на САНУ, според кого улогата на академиите, па така и МАНУ, е „потребна и денес во истиот филозофски напор од времето на академијата на Сократ и Платон“, за граѓаните и особено за младите, да можат да се „отуѓуваат од преовладувачките идеолошко-политички моменти и притисоци“, со цел „да се посее радикален сомнеж и да се овозможи автономно размислување“.

Почитувани академици, членови на МАНУ, уважени гости,

За многу истражувачи, вклучувајќи ме и мене, климатските промени и пандемијата на заразата ковид-19, всушност, се две страни од иста паричка.

Голем број истражувања потврдуваат дека човечкиот притисок врз планетата Земја сè уште расте, не се намалува. Пандемијата на ковид-19 е само една манифестација од тој притисок.

Тоа само значи дека адресирањето на социјалните, општествените, економските и геополитичките предизвици на пандемијата треба да овозможи интегрален, холистички, сеопфатен, универзален и трансформативен пристап за одржливиот развој, во согласност со „планот на дејствување за луѓето, планетата и просперитетот“.

Всушност, уште во 2015 година, на Самитот за одржлив развој на ООН, светските лидери усвоија нова Агенда за одржлив развој 2030 година, во која на централно место се наоѓаат 17 цели за одржлив развој, групирани во три столба: општество, животна средина и економија. Пандемијата само ја засили потребата од побрза и поефективна имплементација на целите за одржлив развој.

Во август 2019 година, граѓаните на Исланд одржаа погреб на некогаш масивниот глечер Окјокул (Ок глечер) и поставија плакета на која пишува: „Писмо за иднината. Ок е првиот исландски глечер кој го изгубил статусот на глечер. Во следните 200 години се очекува сите наши глечери да го следат истиот пат. Овој споменик треба да признае дека знаеме што се случува и што треба да се стори. Само вие знаете дали го сторивме тоа“.

Ова мое експозе ќе го завршам со четири пораки.

Прво. Експозето има цел да посочи дека „знаеме што се случува и што треба да се стори“. Граѓаните на Исланд имаат 200 години за да видат дали сите глечери ќе исчезнат. Граѓаните на Македонија, се чини, нема толку долго да чекаат за да видат дека ќе се стори тоа што не треба да се стори. И Македонија може да исчезне. Се надевам дека нема да се случи тоа.

Второ. Македонија ќе мора да знае „што и каде понатаму“, дури и ако другата страна, тука, пред сè, мислам на ЕУ, нема намери да нè прими во своите редови. Ми се чинат неприфатливи изјавите, најмногу на политичарите (од која било ориентација), од типот „никогаш“ и „нема алтернатива“.

Синтагмата „ЕУ е единствена алтернатива“ е потполно погрешна – многу е подобро да зборуваме, на пример, дека ЕУ е најдобрата од повеќето алтернативи. Вака, ако ЕУ, од повеќе причини (неповрзани со Македонија), го стопира целосно процесот на проширување или го одложи за подолг период, што ќе значи тоа за Македонија? Со други зборови, ја поддржувам политиката дека европскиот пат е приоритетен, но не и единствен пат за Македонија.

Трето. Македонското име, јазикот, културата, идентитетот, историјата, националната свест и самобитноста се суверено, нераскинливо и неотуѓиво универзално право на македонскиот народ. Парадоксално и жално, дел од овие права ги загубивме во потрагата по античкото минатото, додека, се чини, сите тие права ќе ги загубиме, наскоро, во името на европската иднина.

Се плашам дека, како и многупати досега, она што сега се прави, за потребите на македонскиот внатрешнополитички амбиент, е изнаоѓање рамка што ќе создаде привид дека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени, засегнати. Затоа, повикувам, 2021 да биде година во која еднаш засекогаш ќе се договориме, со акламација, и тоа е услов за влез во ЕУ, дека македонското име, јазикот, културата, идентитетот, историјата имаат повеќевековна традиција во границите на денешна Македонија и надвор од неа.

Четврто. Деновиве, во Македонија, секој ден изгледа како ново поглавје од Книгата на Откровението на Судниот ден, во која моќно одекнува предупредувањето напишано од пустински пророк пред илјада години: „Земјата лежи извалкана под нејзините жители; зашто тие ја загадија земјата, ги прекршија законите, ги прекршија статутите, го прекршија вечниот завет“.

Мене ми се познати само два државни документи со кои се забранува употребата на терминот Македонија. Првиот документ, од 25 март 1903 година, е наредбата на султанот Абдул Хамид II со која се забранува употреба на називот „Македонија“.

Повеќе американски весници, тогаш, коментирајќи го спроведувањето на наредбата, пишуваат за цензурирањето на Библијата. Така, на пример, весникот „The Times Dispatch“ од 5 јули 1903 година, на страна 3, пишува: „Американската библиска издавачка куќа, задолжена за печатење на светата книга, официјално беше спречена од турскиот цензор, кој го забрани зборот Македонија во посланијата на апостолот Павле и инсистира истиот да биде заменет со ’Вилаетите Солун и Монастир‘ за да дозволи да се печати Библијата“. За вториот документ нема да проговорам тука.

Меѓутоа, впечаток е дека состојбата, во која се наоѓаат денес многу институции и граѓани на Македонија, заради користењето на името Македонија и придавките што произлегуваат од тоа име, е грда, непријатна, одвратна, застрашувачка. Што ни останува нам? Се надевам дека нема да дозволиме, во 21 век, Библијата да биде цензурирана. Но, не само тоа. Се залагам за достоинствена иднина на сите, па така и на Македонците.

Да заклучам, МАНУ го чинат неговите членови, сегашните но и жагорот на починатите. Тој жагор, од Мисирков, преку Конески до Старделов, не само што обврзува туку е сè посилен, се зајакнува, татне. Тие не обврзуваат: „Неук, си мислев: па тие така случајно се јавуваат. А сега назад погледнувам, гледам – па тие ме обврзуваат!“

Очекувам, мудроста на оваа куќа, наталожена во повеќегодишното нејзино постоење, да придонесе МАНУ да продолжи да биде водилка во изнаоѓање достоинствена иднината за Македонија и нејзините граѓани, а јас ќе направам сè што е во моја надлежност тоа навистина да се случи.

Ви благодарам за вниманието.

Љупчо Коцарев                                                                                                                        Во Скопје, 17 февруари 2021 г.