ВОНРЕДНА ВАКЦИНАЦИЈА ВО РЕОНОТ НА КВАНТАШКИ

Инфективна се полни, уште три нови случаи на заболени од морбили

Трите заболени лица се на возраст од седум месеци до шест години, а шест од пациентите веќе се хоспитализирани на Инфективна клиника

Три нови случаи со морбили во реонот на депонија Кванташки пазар се регистрирани изминатата недела. Со тоа бројката се искачи на 11 заболени, а шест од пациентите се

хоспитализирани. Трите заболени лица се на возраст од седум месеци до шест години.
Како што објасни д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, хоспитализираните лица се изолирани на Инфективната клиника и се далеку од можноста за пренесување на заболувањето меѓу населението.

- Сите шест лица се изолирани на Инфективната клиника и се далеку од можноста за пренесување на заболувањето меѓу населението. По дознавањето за сите овие случаи екипи од Центарот за јавно здравје и од Институтот за јавно здравје беа на терен и извршија масовна вакцинација на сите лица кои подлежат, а кои не биле вакцинирани во изминатиот период - информира Караџовски по редовниот состанок на Комисијата за заразни болести.

Тој појасни дека се вакцинирани 1.932 случаи, од кои 1.352 се само во Скопје во изминатата недела. Станува збор за лица кои не биле вакцинирани, а со активно пребарување се најдени на територијата и се вакцинирани.

Опфатот со вакцинација против морбили, рубеола и паротит во 2016 година за Скопје, посочи, изнесува 68 проценти. Според него, тоа е низок опфат на вакцинација и доколку вирусот се прошири меѓу населението можеме да очекуваме појава на епидемија.

- Сакаме сите лица кои се со клиничка слика на заболување да ги хоспитализираме за да не можат да ја шират инфекцијата. Бидејќи инкубацијата на ова заболување е 10 до 11 дена, ние не знаеме со кого биле во контакт овие лица. Успеавме да направиме контакт со нивните фамилии. Лицата кои се заболени од т.н. депонија Кванташки пазар немаат постојано место на живеење, а имале контакт со одреден број лица од Косово - потенцира Караџовски.

Тој упати апел до населението да се вакцинира против морбили, рубеола и паротит, затоа што, според него, со низок опфат може да се очекува појава на епидемија доколку вирусот се прошири меѓу населението. Нагласи дека овој опфат треба да изнесува над 95 отсто, а апелот од Комисијата е тој да се зголеми.

- Шесте хоспитализирани лица се со добра клиничка слика, без компликации, без потешкотии во нивниот живот и се надеваме дека оваа недела ќе излезат од болница. Комисијата ја следи состојбата, за секој нов случај сме информирани од Центарот за јавно здравје Скопје. Институтот за јавно здравје на Инфективната клиника прави анкети со сите болни. Ова е само еден мал процент од она што можеме да го очекуваме. Морбили има во нашето непосредно опкружување Косово, Грција, Бугарија, Романија и Србија- посочи Караџовски.

Материјалите кои се земени и се дијагностицирани како позитивни во лабораторијата на Институтот за јавно здравје и клинички се потврдени, ќе бидат испратени во Луксембург на типизација на вирусот за да се види дали вирусот кој циркулира во Република Македонија е ист со оној во околните држави.

(В.Ма.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари