logo
logo
logo

Имотот на Иснифарис на лицитација, продажбата тешка и долготрајна

Vecer | 22.12.2009

Имотот на Иснифарис на лицитација, продажбата тешка и долготрајна

Имотот на најпознатиот овчар Иснифарис Џемаили ќе оди на лицитација. Но лицитацијата ќе биде проблематична и подолготрајна, бидејќи осудениот за случајот Бачило е во бегство. Извршителот Антонио Коштанов, задолжен да го наплати долгот на Џемаили кон државата вели дека наплатата на 715 000 евра ќе оди многу тешко.

Иснифарис, според одлуката на скопскиот граѓански суд, на државата треба да и врати 715 илјади евра, плус судски трошоци и камати од 2005 година. Причина за лицитацијата на имотот вреден некаде околу половина милион евра е неоснованото богатење. Куќите, становите, деловните простории, бачилата кои Иснифарис ги имаше во Скопје и во Тетово веќе не се во негова сосптвеност. Тие се замрзнати и тој не смее повеќе да располага со нив.

Коштанов вели дека пред неколку дена го примиле налогот за извршување, по што ќе биде направена проценка на вредноста на имотот на познатиот овчар. Но, пред да се направи проценката ќе треба на адреса на Иснифарис да се испрати налогот за наплата.

- Ќе треба шест пати лицето да го повикаме да го прими налогот за извршување преку дневен весник и еднаш преку "Службен весник". После тоа ќе се смета дека странката го примила налогот и ќе се премине кон лицитација, доколку во меѓувреме не го плати долгот сам - вели Коштанов.

Иснифарис требаше да ја одлежи четиригодишната затворска казна уште пред година и пол, но тој не е достапен за надлежните органи. Полицијата не може да го лоцира, а ниту неговиот адвокат Миле Петровски не знае каде се наоѓа познатиот овчар. Вели не го видел уште од донесувањето на пресудата за случајот "Бачило".

Се појавија информации дека Иснифарис е во Турција. Се уште не е јасно како тој стигнал до Турција, тргнувајќи од фактот дека судот му го одзеде пасошот кога му дозволи да се брани од слобода. Од МВР велат дека за Иснифарис е активна интерна потерница и доколку добијат сознанија дека тој е надвор од државата за истото ќе го известат судот за да распише меѓународна потерница.

Иснофарис беше осуден во април 2007 година за случајот "Бачило", а тогаш на сите осудени им беше дозволено да излезат од притвор и да се бранат од слобода, освен на нотарот Никола Стоименовиќ.

Судот му ги замрзна сите сметки на Џемаили на кои имало вкупно 33 милиони денари. Со оваа пресуда државното правобранителство успеа да ја исправи грешката која била направена шест години претходно, кога не поднеле жалба на судската одлука на Иснифрис да му бидат исплатени 780.000 евра за бачило што никогаш не било гранатирано.

(Б.З.)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk