Со 95 гласа „за“ и еден воздржан, Собранието ја усвои резолуцијата за утврдување на државните позиции во контекст на блокадите на евроинтеграциите поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно поддршка доби и амандманот поднесен од група праценици за внесување на уставното име на државата во резолуцијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ резолуцијата ќе овозможи силно единство, подготвеност за рационален дијалог и компромис, како и јасно изразена волја во насока на забрзување на европската перспектива и зацврстување на државниот и национален суверенитет на Македонија.

Мицкоски: Некои ја поддржаа резолуцијата искрено, други помалку искрено, но благодарни сме им на сите
ВМРО-ДПМНЕ го поздравува донесувањето на резолуцијата во Собранието, со која јасно се оцртуваат национални и државни позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет, рече на денешната прес-конференција, претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.

Изразуваме задоволство што Собранието ја задржа содржината на Резолуцијата, таа остана во содржината таква каква што ја достави нашата пратеничка група – посочи Мицкоски додавајќи дека текстот на Резолуцијата е базиран на научни темели и аргументи.

Како што кажа тој, како партија благодарни се на политичките субјекти кои искрено, но и на оние кои помалку искрено ја поддржале Резолуцијата.

– Ние сме рационални и знаеме дека зборот на власта не трае ни пет минути, но сметаме дека ваквата Резолуција како акт на законодавниот највисок демократски дом не може и не смее да биде прекршен и ќе биде обврзен акт за оваа и секоја идна Влада, Претседател на држава и секоја институција по однос на идентитетските теми и прашања – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дополни дека ваквата Резолуција, во нормални услови, требало да биде водена од власта во Македонија, а не од опозицијата.

Мицкоски порача и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане посветена на двата клучни приоритети кои се еднакво важни и неразделни, а тоа се евроинтеграциите на Македонија и заштита на македонските национални и државни интереси.