СПОРЕД ЕКСПЕРТИТЕ МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ИНИЦИРА НАЦРТ-РЕЗОЛУЦИЈА НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА ОН

Игор Јанев: Немаме проблем со Грција, туку со Обединетите нации

Република Македонија нема проблем со Грција. Државите немаат ексклузивни права на имиња. Менувањето имиња не влијае врз територијалните права и обврски на државите. Проблемот со името настанал со приемот во Обединетите нации под дополнителните услови надвор од пропишаните во Повелбата на ОН, изјави за ТВ-интервју на МТВ, проф. д-р Игор Јанев, творец на меѓународно прифатената теорија и доктрина на дополнителните услови при приемот во ОН.

Според него, сега треба да се прави постапката за анулација на дополнителните посебни услови, надвор од член 4(1) на Повелбата. Постапката во ОН и Меѓународниот суд за легалитет на дополнителните (нелегални) услови, надвор од Повелбата на ОН, како што вели Јанев, може да се води и без раскинување на Времената спогодба или слични постапки.
- Целата акција ја води Генералното собрание на ОН, а не формално Република Македонија. Значи, Спогодбата е нерелевантна за ваква акција, која Македонија треба да ја иницира во Генералното собрание на ОН. Никакви тужби и слични акции не се потребни, додава тој.
Одговарајќи на прашањето како настанал проблемот, Јанев истакнува дека тој настанал кога со нелегални услови за прием, надвор од член 4(1) на Повелбата, бевме примени 1993 година во ОН, а тие услови се обврска за реферирање и обврска за преговорите.
- Сега Република Македонија само треба да иницира Нацрт-резолуција на Генералното Собрание на ОН со која се поставува прашање "дали специфични услови за приемот и статусот се во согласност со Повелбата на ОН (чл. 2 и чл. 4)". Инаку ние можеме, во случај на потреба, да дадеме изјава во која сметаме дека делот од Времената спогодба, во врска со референцата, преговорите ги третираме како спротивни на Јус цогенс и според тоа за нас се без правно дејство, појаснува тој.

Со други зборови, како што потенцира Јанев, нема правни препреки од каков било вид преку Собранието на ОН да се побара советодавното мислење од МСП за легалитет на дополнителните посебни услови, надвор од член 4(1) на Повелбата. - Единствено на тој начин можеме да го воспоставиме уставното име Република Македонија во ОН. Мислењето се бара од Генералното собрание на ОН до Суд со просто мнозинство од присутните и кои гласаат..., истакна проф. д-р Игор Јанев.

Професорот по меѓународно јавно право Владимир Ортаковски, пак, за истата програма со став дека привремената референца со која Република Македонија е примена во Обединетите нации не е ПЈРМ туку е "Поранешна Југословенска Република Македонија", т.е. четири збора во кои е содржано и уставното име, а не акроним - кратенка која ништо не значи.
- Во Резолуцијата на Советот за безбедност 817 (1993) со која сме примени во ОН се наведува дека се работи за "привремено обраќање во рамките на ОН", така што нема основа за грчката "црвена линија" компромисното име што би се постигнало да биде за општа употреба, ниту да биде проследено со промена на нашиот Устав, вели Ортаковски.

Тој додава дека меѓународното право упатува на уверувањето дека апликацијата на Република Македонија пред Меѓународниот суд на правдата против Грција, за нејзино кршење на членот 11 од Привремената спогодба од 1995 година со тоа што го попречува приемот на нашата држава во меѓународните организации, е правно аргументирана и може да ја донесе очекуваната пресуда, истакнува професорот Ортаковски.

Поврзани

Најнови вести

Коментари