logo
logo
logo

И црквата е против “реформите“ на Мила Цароска

Vecer | 28.04.2021

И црквата е против “реформите“ на Мила Цароска

Состојбите околу најавените промени во образованието никако да се смират. До неодамна бројните реакции во јавноста се случуваа околу новопредложениот концепт за основното образование, укинувањето на посебен предмет Историја, околу матурата…

Бранувањата сега се водат околу воведувањето на електронските учебици и други работи врзани со образовниот систем. Реакциите во јавноста се речиси секојдневни, а денеска за она што се случува околу македонскиот образовен систем реагираше и поглаварот на Македонската православна црква архиепископот г.г. Стефан. Својот став, но и став на сите македонски владици кои се дел од Светиот Синод тој го искажа во денешното Велигденското послание. Архиепоскопот Стефан предупреди дека преку промените во образованието се менува македонскиот идентитет.

–Во образованието, во форма на некакви чудни реформи, од кои е исклучена објективната јавност, се прифаќа менувањето на нашиот историски, културен и духовен идентитет, предупреди тој.

Во делот од Посланието кој се однесува на образованието тој предупредува дека со тоа се оди кон општество во кое нема место за Бога!

-Не може да се молчи пред иницијативите на некои групи, кои сакаат своите определби да ги наметнат над мнозинството. На овој начин е засегната не само нашата сегашност, туку и иднината, зашто децата уште од најмала возраст се насочуваат кон туѓи, несоодветни и недостојни вредности, со кои се разнебитува личноста, а кои се спротивни на светогледот на нивните родители.

Предложените процеси се толку еднострани и во нашиот општествен контекст многу недоследни, па во отвореното општество за сите, нема место за етиката и моралните вредности на религиите, нема место за искуството на Црквата, нема место за Бога!, потенцира архиепископот Стефан.

Инаку, тој се осврна и на претстојниот попис на населението при што наведе дека тој ја засега нашата иднина.

–Беше најавен попис на населението, па поради пандемијата е одложен. Но кога и да се одржи, и како жители и како Македонци, потребно е задолжително да ја извршиме таа обврска, која ќе покаже не само колку сме, туку и каде сме, а сето тоа да се организира и да биде усогласено со меѓународните стандарди, наведе македонскиот црковен поглавар.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk