ХК: Седумдесет и осум проценти од жртвите на физичко насилство се жени

Состојбата со родовата еднаквост во државата останува само декларативна заложба на властите, оценуваат од Хелсиншкиот комитет по повод Меѓународниот ден на жената.

Во соопштението испратено по повод 8 Март се наведува дека жените во Македонија се уште се соочуваат со дискриминација по основ на пол и род во сите општествени процеси, без притоа да имаат заштита на нивните права. Меѓу најранливите групи се посочуваат текстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на насилство и жените со попречености.

Според Хелсиншкиот комитет, ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство позната како Истанбулска конвенција е најзначајниот чекор што Владата го има направено во борбата против насилството врз жените, но неколкуте случаи на насилство врз жените и сексуалната злоупотреба врз девојчето од Домот „25 Мај" се примери дека не функционира целосно системот за грижа и заштита.

- Од овие причини бараме државата итно да започне со промена на законската рамка и собирање на статистички податоци за регистрирање на сите форми на родово базирано насилство, да обезбеди сервиси за жените и девојчињата жртви на насилство и да им обезбеди заштита на сите жени чии права секојдневно се прекршуваат, се вели во соопштението.

Статистичките податоци покажуваат дека 78 проценти од жртвите на физичко насилство се жени,а 98 проценти од сторителите на семејно насилство се мажи. Од 2008 до 2016 година регистрирани се 70 фемициди од кои 15 се случиле во периодот 2013-2016. Над три четвртини од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една јавно достапна служба. Над 80 проценти од вработените во текстилната, кожарската и чевралската индустрија се жени и тие се едни од најниско платените работнички со 35 проценти пониска просечна плата од платата на државно ниво

Поврзани

Најнови вести

Коментари