Хан: Со променето име нема гаранции за датум за преговори, ама без решение за името, вратата за ЕУ ќе се затвори за децении

И со промена на името нема сто процентна гаранција дека ќе добиете датум за преговори со ЕУ. Но, ако не помине референдумот следи изолација – ќе ви се затвори европската врата можеби засекогаш. Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан им испрати на македонските граѓани порака која лесно може да се разбере и како закана дека мора да гласаат, но и отрезнување од сонот за брза евроинтеграција без суштински реформи, кои засега ги нема.

– И уште еднаш, не е само решавањето на спорот со името, има и други елементи кои треба да се исполнат. ...Ние мораме да го подготвиме отворањето на преговорите, на начин што кога ќе го добиеме зелено светло, кон средината на идната година, тоа ќе биде возможно само ако домашните задачи се направени дотогаш од страна на владата во Скопје. И тоа не е само спорот со името, туку и натамошното имплементирање на Итните Реформски Приоритети, извештајот на Прибе итн. Има многу други елементи кои се потребни за следниот чекор – вели еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Eврокомесарот за проширување во интервју за МИА вели дека доколку се пропушти можноста за прифаќање на Договорот со Грција на референдумот на 30 септември, вратата за ЕУ ќе се затвори „за децении".

– Ако сега не се искористи оваа прилика, прилично сум сигурен дека вратата ќе биде затворена со децении, ако не засекогаш. Во политика треба да се биде внимателен, но во догледна иднина, ќе биде затворена и тоа ќе биде штетно за граѓаните во земјата, рече Хан за МИА.

– Идејата е да се создаде нешто повеќе, ако има европска перспектива, членство, тоа ќе привлече меѓународни компании, компании кои ќе создаваат работни места, ако има повеќе индустрии во земјата тоа влијае врз мали и средни претпријатија бидејќи тие имаат фунцкија на добавувачи, сѐ заедно е стимулирачки за економијата. Ако економијата е меѓународно ориентирана тоа влијае врз квалитетот на владеењето на правото, независноста на судството и за крај мислам дека е нешто што го бараат луѓето, вели Хан.

Тој е уверен дека, доколку Македонија ги исполни поставените услови за почеток на преговори, Македонија може да смета на почеток на истите на средината на 2019. Околу условеноста на датум за преговори, еврокомесарот за проширување цени дека и без таа условеност, Македонија ќе требаше да чека најмалку една година за фактичко започнување на преговорите, бидејќи тие бараат подготвителна работа.

Поврзани

Најнови вести

Коментари