logo
logo
logo

ГТЦ НА КОЛЕНА, загуба од 646.000 евра, руиниран и без иднина

Vecer | 24.03.2023

ГТЦ НА КОЛЕНА, загуба од 646.000 евра, руиниран и без иднина

Некогашниот симбол на скопското модерно живеење, Градскиот трговски центар, засега никако да почне да работи профитабилно. Што е причината за загубата на ГТЦ? Компанијата едноставно прави поголеми расходи во однос на приходите, па тоа го прави негативниот финансиски резултат.

Компанијата преку Берзата ги објави финансиските извештаи за своето работење за 2022 година, кои говорат дека не може да се зборува за подобрување на бројките на ова акционерско друштво. Билансот на успех покажува дека ГТЦ и лани работел со загуба, и тоа зголемена за 11 проценти во однос на претходната година. Имено, минатата година Градскиот трговски центар остварил „минус“ од 646 илјади евра, што е за 11 проценти повеќе од загубата прикажана во 2021 година, која била 581 илјади евра.

Билансот на успех говори дека лани Градскиот трговски центар успеал да оствари оперативни приходи од 3,7 милиони евра, што е за два отсто повеќе од претходната 2021 година.

Притоа, најголем дел од приходите се приходи од продажба на домашниот пазар, практично од закупнините што ги наплатува ГТЦ од корисниците на деловните објекти што ги издава. Односно, лани ова акционерско друштво остварило приходи од продажба на домашниот пазар од 3,69 милиони евра. Тоа е солиден раст од 9 отсто во однос на претходната година.

Но затоа пак има пад кај останатите оперативни приходи, кои инаку не се голема и битна ставка, но кај нив намалувањето изнесува 86 проценти.

Кога станува збор за расходната страна, компанијата лани остварила оперативни расходи од 4,42 милиони евра, што е пораст од 3 отсто во однос на претходната година. Притоа, кај набавната вредност на продадените материјали и резервни делови трошоците се зголемени за 14 отсто.

Трошоците за вработените, пак, лани останале целосно идентични со оние од 2021 година и тие биле на ниво од 1,68 милиони евра.

Трошоците за амортизација се намалени за 8 отсто, додека, пак, останатите расходи од работењето се згполемени за 5 проценти.

Практично, оперативната загуба на ГТЦ се искачила лани на 689 илјади евра. Финансиските приходи на ГТЦ лани достигнале 88 илјади евра и кај нив има намалување за 14 проценти, а кај финансиските расходи, пак, има згопемување за 14 проценти.

Од компанијата во своето образложение за финансиските резултати велат дека во иднина нивна главна цел е да работат со добивки, а тоа важи и за оваа година.

„Целта на нашето работење е да оствариме позитивни резултати во наредниот период за тековната 2023 година, со максимално ангажирање и целосно искористување на капацитетите со кои располага нашето друштво“, се вели во објавата на Берзата.

Во моментов, како што стои на веб страницата на ГТЦ, извршен директор и извршен член на Одборот на директори е Ѓоко Трајчевски, а во менаџментот влегуваат и Бранко Цветановски, Трајанка Тасевска и Стојан Станиславски.

ГТЦ бил пуштен во официјална употреба на 27 април, далечната 1973 година. Тој се смета за културна икона и еден од најпрепознатливите објекти за градот Скопје.

Но, во последниов период, откако беа во главниот град на земјава изградени затворени и модерни шопинг молови, опадна интересот за закупување на дуќаните во Градскиот трговски центар.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk