Груби во Вашингтон се потпиша во книгата на жалост за смртта на Буш

Претседателот на Комисијата за европски прашања и на Групата за пријателство со САД, Артан Груби кој престојува во Вашингтон се потпиша и во книгата на жалост за покојниот претседател на САД, Џорџ Х.В. Буш.

Тој денеска оствари средба со в.д. Заменик-помошник Државен Секретар Сусан Фалатко која воедно раководи со канцеларијата за Централна и Југоисточна Европа на Стејт Департментот, со која разговараше за процесот на уставните измени и спроведувањето на преспанскиот договор, евроатлантските интеграции на земјата, билатералните односи со САД, системските реформи, владеењето на правото и помирувањето.

Груби им се заблагодари на Соединетите Американски Држави за големата подршка за Македонија и регионот во изградбата на демократските капацитети и нашиот пат кон интеграцијата во НАТО и Европската Унија, која, како што рече, е неопходна и без алтернатива.

Груби ја запозна соговорничката за патот на уставните измени кои што произлегуваат од договорот помеѓу Скопје и Атина и овозможуваат деблокирање на интегративниот процес за нашата земја изразувајќи очекување за успешно завршување до средината на месец јануари следната година.

Тој зборуваше за напорите да за се задржи и да се зголеми мнозинството од две третини кое е неопходна за успешно завршување на процесот. Груби истотака ги истакна и опструкциите кои одредени структури ги прават кон процесот, подвлекувајќи дека никој не треба да го спречи овој процес за индивидуални или групни калкулации.

„Секој потег кој е во спротивност со волјата на народот за интеграција во НАТО и ЕУ и кој го ризикува патот на процесот е неприфатлив“, рече Груби.

На средбата се дискутираше и за процесот на помирување и реформите, при што Груби ги истакна очекувањата дека до крајот на годината ќе се свика посебна седница на Собранието за десетици реформски закони.

Фалатко ја изрази поддршката на Соединетите Американски Држави за преспанскиот договор и за интеграцијата на Македонија во НАТО и Европската Унија, како и напорите за успешно заокружување на овој процес.

Груби го посети и Американскиот Сенат каде заедно со Конгресмени и Сенатори и колеги од 80 држави, учествуваше во 12-от Парламентарен Форум на Безбедноста за Разузнавање на кој се дискутираше за борбата против тероризмот и надзорот над агенциите за разузнавање и контраразузнавање.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари