Граѓанските активисти не се предомислија: Гасоводот на Водно е штетен проект

По разгледување на документацијата доставена на увид, реалната слика на терен и врз основа на водените разговори со надлежните институции и фирмите вклучени во изградбата, граѓанските еколошки иницијативи остануваат против изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно.

Во соопштението од граѓанските иницијативи: Го Сакам Водно, О2 Коалиција, Зелено Тафталиџе, Стоп на Загадувањето, ЕкоКарпош 3,2,1, Спас за Водно, Ние сме Карпош 4, Скопје Смог Аларм и Сакаме Аеродром да дише се наведува дека парк-шумата Водно е заштитено подрачје и дом на загрозени, ретки и ендемични видови.

„Трасата на гасоводот, 11 километри по Водно, би поминала низ над 4 километри високостеблеста шума, даб (благун и горун) и габер (бел и воден), црн бор, со ширина помеѓу 25 до 10 метри односно 10 до 4 хектари шума), дел низ т.н. нискостеблеста шума, би ги уништила живеалиштата на зачајни видови, од кои еден е ендемичен скакулец кој живее само на Водно (Poecilimon vodnensis), потоа растението (Fritillaria gussichiae) кое има меѓународен статус на заштита и се наоѓа на разни листи, од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, Европски загрозените видови, Бернската конвенција, Хабитат директивата, како и на неколку ретки и значајни видови на печурки. Дел од трасата поминува низ строго заштитена зона, според ревалоризацијата на парк-шумата Водно, која носи повисок степен на заштита. Минирањето на камењарите и тревестите делови, т.н. голи појаси на трасата, би уништило голем биодиверзитет и ретки видови со кои обилуваат“, се вели во соопштението.

Активистите наведуваат дека гасоводот започнува од јужната страна од с. Сопиште, при што преку срт оди кон врвот на Водно, па паралелно со пешачката патека кон Бункерите, цело време низ шума, по што повторно преку шума оди до Бел Камен, од каде се спушта према с. Шишево. Според активистите, ова претставува една од поомилените рекреативни зони на скопјани, особено по изградбата на жичарата, а посебно популарна од отпочнување на градежните работи на кулата на АЕК, поради која постителите веќе го избегнуваат врвот Крстовар.

Покрај природните вредности, се вели во соопштението, парк-шума Водно содржи и значајни палеонтолошки и археолошки наоди кои со ископот на трасата и минирањето, потенцијалните наоди би биле неповратно уништени.

Во соопштението на активстите се наведува дека со оглед дека постои алтернативно решение кое поминува од северната страна на Скопје и кое било разгледувано во 4 од можните 5 варијанти на оваа траса, штетите нанесени на парк-шума Водно се неоправдани.

„Во студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот се наведува дека избраната траса бара минимална експропријација. Најголемиот дел од трасата низ Водно е државно земјиште. Но, минимална експропријација не смее никогаш да биде причина за избор на траса, особено кога тоа значи градење низ заштитено подрачје. При тоа 56 километри од целата траса, заедно со кракот за Тетово, имаат незавршен процес на експропријација и Владата само за оваа година планира да потроши околу 6 милиони евра за решавање на имотно-правните односи на овој дел од гасоводот, делница 5. Што значи стопирањето на гасоводот низ Водно и одобрување на алтернативна траса за тој потег, не е главната пречка за изградба на гасводот до Тетово и Гостивар.
Дополнителна причина за изборот на оваа траса низ Водно, наведена од проектантите, е што не ги сече главните водоводни цевки од Рашче кон Скопје. Но во исто време, планираниот гасоводен крак за Косово го прави токму тоа, што повторно не го оправдува изборот на трасата низ парк-шума Водно“, се истакнува во соопштението.

Освен горенаведеното, активистите истакнуваат дека има и недоследности во документацијата.

„Град Скопје, декември 2017 година, доставува одговор до МЕР во кој заклучува дека треба да се преиспита трасата на гасоводот, да се изготви нова оцена на влијание врз животната средина, како и да се повтори постапката за добивање на потребната документација за изградба на предметната делница на гасоводот. Од сите 53 документи наведени во Одобрението за градење, ниту еден не е документ со кој е одобрена градба во заштитено подрачје. Оцената на влијание врз животната средина за овој проект не го разработува делот на трасата на гасоводот кој поминува низ заштитената парк-шума Водно посебно и со тоа не се земени предвид влијанијата врз тој простор“, се наведува во соопштението и се додава дека постојат нелогичности и неслагање на датумите на поднесувања на барања, издавање на документите, и склучувањата на договорите.

Граѓанските активсти истакнуваат дека ќе се борат со сите расположливи средства доколку се продолжи со работење на трасата низ парк-шума Водно. Тие велат дека се надеваат дека МЕР и Владата ќе одобрат алтернативна траса, со што парк-шума Водно ќе остане заштитена, а магистралинот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар ќе се изгради.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари