Погрешни пораки адресирани од Мој термин и Вакцинација.мк добиваат десетици граѓани кои се повикуваат да се вакцинираат, пренесува ТВ21.

Граѓаните збунети, не знаат каде да пријават бидејќи им стигнале погрешни пораки. За да не им пропадне терминот за вакцинација, повеќето граѓани ваквите смс пораки ги објавуваат на Фејсбук со надеж дека лицето за кого е терминот ќе се вакцинира.

Од друга страна, министерот Филипче тврди дека термините на граѓаните можат да се поправат од матичниот лекар. Но не објасни зошто им стигнуваат погрешни пораки на лицата кои воопшто не се пријавиле за вакцинација.

„Не. Toa зависи од начинот на аплицирање и местото каде што се пријавиле. Во принцип ако е во возрасната група тоа може да се корегира и да се вакцинираат“, посочи министерот за здравство, Венко Филипче.

Инаку, се уште продолжува хаосот во системот за пријавување и прераспределување за вакцинација. Голем број на граѓани веќе неколку дена по ред реагираат велејќи дека иако аплицирале за вакцинација во градот каде што живеат, сепак терминот им е закажен во друг град. Од Министерство за здравство велат дека граѓаните слободно можат да се вакцинираат во градот на живеење.

Воедно, Министерот за здравство Венко Филипче, со неговата последна објава на социјалните мрежи тврди дека сите граѓани од Скопје кои имаат над 40 години добиле термин за вакцинација, а од понеделник термин ќе добијат граѓаните на останатите градови кои имаат над 40 години.