Град Скопје: Не пријавувајте огнови на „Фејсбук“, туку на 193

Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и Здружението на граѓани „Љубезност“ ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено.

„Палењето огнови на отворено е законски забрането, но е честа појава. Најчесто тоа е последица на несовесноста на некои граѓани, но во некои случаи е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно живеалиште. Горењето пластика, гуми, кабли, неквалитетни дрва и палењето на дивите депонии влијаат на загадувањето на воздухот. Статистиката покажува дека греењето дрва учествува со една третина во загадувањето на воздухот, а најотровните состојки се испуштаат од отворените огнови. За таа цел мешани тимови и оваа година ќе работат секој ден, 24 часа, за борба против огновите на отворено“,  рече на прес-конференција Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.

Тој упати апел до граѓаните сите забележани огнови на отворено да ги пријавуваат исклучиво на телефонскиот број 193, наместо на „Фејсбук“ или на другите социјални мрежи, за да можат екипите да интервенираат навремено, а со тоа да се спречи евентуална опасност по здравјето и имотот на граѓаните.

„Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, огновите ќе бидат изгаснати, а доколку постои потреба од згрижување на лицата кои ги палат огновите ќе интервенираме во координација со Центарот за социјална работа на Град Скопје. Одговорноста за решавање на проблемот со огновите на отворено е заедничка за сите нас и затоа е неопходна активна соработка со граѓаните. Градот Скопје интензивно работи на елиминирање на причинителите на загадувањето на амбиентниот воздух во градот“, нагласи Салиху.

Минатата зима, во рамки на оваа кампања биле регистрирани вкупно 438 јавувања на телефонскиот број 193. Било интервенирано на 334 огнови на отворено, а во 114 случаи на терен излегле комуналните инспектори. Раководителот на секторот инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, објасни дека градските инспектори вршат засилени контроли на терен по однос на загадувањето на животната средина и досега се пронајдени и казнети поголем број прекршители во Вардариште и во Ѓорче Петров.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари