Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија во соработка со Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Црна Гора организираа онлајн-дискусија на тема „Стратегијата на Кина за Западен Балкан – преку економски до политички импликации”.

Главни говорници на дебата беа проф. д-р Марјан Ѓуровски, проректор на Универзитет Св. Климент Охридски – Битола и Ненад Копровиќ, експерт за европски прашања од Црна Гора.

„Јасно е дека Кина ја игра својата улога во регионот Западен Балкан, таа е веќе присустна тука и се повеќе е видлива. Во оваа смисла разбирливо би било да се гледа на Кина како на трговски партнер со кои делиме различни политики и оштествени вредности. Регионалната соработка заедно со евроинтегративниот процес треба да останат во фокусот на земјите од регионот и тие треба да имаат координиран пристап во поглед на соработка со Кина“, е пораката која ја испратија Даниел Браун, Директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија и Косово и Норберт Бекман-Диркес, Директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Србија и Црна Гора, во своето воведно излагање на темата.

„Неопходно е поголема вклученост на НВО секторот и медиумите во процесот на транспарентност на се што доаѓа од Кина и се финансира од таму. Нужно е потребен целосен скрининг на инвестициите од Кина. Бидејќи Босна и Херцеговина и Црна Гора се посебен пример за корозивниот капитал кој го создава НР Кина преку дипломатијата на лихаварство. Инвестирањето на критичната инфраструктура од НР Кина создава потенцијален ризик и последица за загрозување на безбедноста. Поради тоа ЕУ и САД треба да имаа проактивен однос преку нудење на можности од стратегијата Трите мориња во замена на процесот 17+1 која сериозно може да заземе замав овде на Балканот“, посочи професорот Ѓуровски.

Тој воедно нагласи дека Кина е системски конкурент на НАТО и западниот свет и со неа не делиме исти вредности.

„НР Кина, според проценката на многумина набљудувачи има за цел да го претвори инвестицискиот капитал од справувањето со пандемијата во политички, остварувајќи ги сопствените геостратешки интереси во Југоисточна Европа. Сведоци сме како преку примена на стратегијата се манифестира блага моќ со која се употребуваат методи за искористување на можностите за влијание надвор од политичката сфера, наспроти класичната надворешна политика. Со неизвесна европска иднина, се создава вакуум за влијание на новите актери, а Кина го користи тој простор. Вакцините што пристигнаа се само последните во низата чекори што Кина ги презеде за да стане релевантен и активен играч во регионот“, рече професорот Марјан Ѓуровски.

При тоа додаде дека на тој начин таа добива популарност, не само кај дел од политичките лидери, туку и кај обичното население, што и овозможува понатаму да се позиционира и уште повеќе да го утврдува своето присуство во регионот.

Подемот на НР Кина, според Ѓуровски, предизвикува фундаментално поместување на балансот на моќта глобално и ја подгрева трката за економски и технолошки поткопувања на поредокот заснован на правила на игра.

„НАТО земјите се 50 проценти од светскиот БДП и 50 проценти од светскиот пазар и тој факт кој се наведува и во анализите на фондацијата Конрад Аденауер не смее да се прескокне, зошто загрижува податокот дека 70 проценти од изградба на патна инфраструктура на Западниот Балкан го финансираат кинеските банки“, заклучи професорот Ѓуровски во своето изгалање на денешната дебата во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“.

makfax.com.mk