logo
logo
logo

Героски за Таргет-Тврдина: Звонко Костовски од УБК ГО ПРИСЛУШКУВАЛ И ЗЕТОТ, а денес е само сведок

Vecer | 20.02.2021

Героски за Таргет-Тврдина: Звонко Костовски од УБК ГО ПРИСЛУШКУВАЛ И ЗЕТОТ, а денес е само сведок

Дека имало незаконско следење на комуникациите во Таргет - Тврдина, имало – и тоа никој не го спори и не може да го спори. Дека надлежните требало да преземат нешто за да се открие и спречи, требало. Дека постои одговорност за тоа, постои. Сепак, со завршните зборови на одбраната во случајот „Таргет-Тврдина”, повторно се отворија старите дилеми – кој стои зад прислушувањето? Кој и за што треба да одговара?

Спогодениот Ѕвнко Костовски, меѓу другото, „специјалист” и за снимање разговори за разводи?!

Одбраната тврди дека Обвинителството не презентирало ниту еден доказ во поткрепа на тврдењата дека Сашо Мијалков ја организирал групата, за да следи и незаконски да снима телефонски разговори. Одбраната во завршните зборови кажа дека освен обвинетиот Горан Грујевски, Мијалков не ги ни познавал останатите осомничени, а нема ниту еден доказ дека на Грујевски му дал насока да формира организирана група или злосторничко здружение.

Теоријата на одбраната е дека маркирањето и снимањето на разговорите е дело на Ѕвонко Костовски, кој и во предметот „Пуч“ призна вина и се спогоди за казна.

Најиндикативен беше примерот кој на последното рочиште го истакна адвокатот Миле Петровски. Оспорувајќи го легитимитетот на сведокот Ѕвонко Костовски, одбраната посочи на случајот на  оштетениот Јорданчо Богатинов.

Според одбраната, тој бил донесен да сведочи во судот од КПУ „Идризово”, каде е на издржување на казна затвор. Сведокот, на записник за главната расправа од 15 јануари 2020 година, кажал дека пред издржувањето на казната работел како референт во Охридска банка Скопје (не е ниту политичар, ниту бизнисмен, ниту новинар, ниту јавна личност) и дека од СЈО во два наврати побарал да биде известен дали неговата телефонска комуникација била незаконски следена. Неговите телефонски комуникации биле следени без судска наредба дури 157 дена и затоа бил предложен да биде сослушан во постапката како оштетен.

Тој сведок, одговарајќи на прашање, кажал дека се посомневал дека неговите телефонски комуникации се незаконски следени кога преку медиумите дознал дека во прислушкувањето е вмешан Ѕвонко Костовски, брат на неговата поранешна сопруга, со која се развел во 2002 година и со која од тогаш бил во влошени односи.

Сведокот Петровски кажал дека во десетгодишното траење на постапката против него иницирана од неговата бивша сопруга, таа пред судот изнесувала факти од кои заклучил дека однапред знае што и како ќе се случува во текот на одбраната. Ги знаела, иако нив ги знаел само тој и неговиот бранител и биле кажани само по телефон. Со оглед на тоа дека бил сигурен дека никој друг нема мотив и не може да ги следи неговите телефонски комуникации, освен нејзиниот брат Ѕвонко Костовски, за кој знаел каде работи, побарал да биде известен дали и неговите телефонски комуникации се следени.

Наводите на сведокот Богатинов, според одбраната, укажуваат дека Костовски бил единствен во УБК кој ги имал и можел да ги има сите привилегии за пристап и работа со системите за следење и ги знаел сите процедури за пристап до нив. Фактот дека ги знаел другите корисници и сите јузери, пасворди, како и сите начини за внесување и екстрахирање на податоци и логови од системите за следење на комуникациите и тоа што само тој без придружба во секое време имал пристап до нив, без никакво сомневање потврдува дека, доколку воопшто постоело маркирање на телефонски броеви за следење на комуникации без судска наредба преку системите во УБК, тоа го вршел тој.

Нелогични и контрадикторни изјави не може да бидат основа за осудителна пресуда, одбраната очекува правда и ослободување во случајот „Таргет”

Одбраната смета дека судот не смее да му верува на сведокот Ѕвонко Костовски. Според одбраната, нелогично е сведокот со ДВД дискови да сака да докажува нешто, а притоа самиот со горенаведените дејствија да ги уништува истите.

– Нели е нелогично да се компромитира оригиналноста на доказот со најразлични модификации на содржината, а притоа да се претендира со тој доказ неспорно да се докаже нешто? – рече адвокатот Петар Василев.

Одбраната потсетува дека треба да се има предвид дека се работи за инженер со долгогодишно работно искуство со системите за следење на комуникации и дека на истиот многу добро му било познато каков вид доказ треба да обезбеди и која содржина треба ја има истиот, ако со него сакал да докажува нешто.

– Напротив, многу логично е дека истиот, бидејки бил алфа и омега при ракување и администрирање со системите за законско следење на комуникациите и имајки предвид дека му биле познати целокупните перформанси, поединостите и карактеристиките на системот и бидејки уживал огромна доверба од неговите колеги, се дрзнал од само нему познати причини да врши субверзивни дејствија во системот. Па оттука е и многу логично зошто истиот намерно сакал да го прикрие изворот од каде потекнуваат снимките, со цел да не биде лесно откриен доколку евентуално биде ставено под сомнеж неговото работење. Тој бил одговорен за креирање и доделување на акаунти на сите кои требало и можело да пристапуваат до системот, секој со различни привилегии, но никој со сите привилегии. Тој бил единствениот кој што ги имал сите привилегии во системот, тој бил оној кој што единствено можел да ги контролира другите,  а не и обратно – изјавија од одбраната во завршните зборови во предметот „Таргет-Тврдина”.

Свесен за својата позиција, според одбраната, Костовски вметнувал телефонски броеви на лицата од негов интерес и собирал аудио содржини кои ги проследувал само тој знае каде.

Кога бил откриен и во него била изгубена довербата и кога од страна неговите колеги бил соочен со фактите и доказите за незаконитите дејствија кои претходно ги преземал, не му преостанувало ништо друго туку да ја признае вината.

Сведокот Ѓорѓи Лазаревски на „платонски” начин извлекувал податоци дека се прислушува?!

Како некредибилно сведочење од одбраната го посочија и исказот на Ѓорѓи Лазаревски.

– Тој тврдеше дека, наводно, со помош на некаков си кабел, пристапил од системот за гранична контрола  со кој што редовно работел, во системот за следење на комуникациите, кој се наоѓал во друга затворена просторија, каде што тој немал пристап и иако немал физички пристап, најверојатно на платонски начин од таму извлекол информации и сознанија дека наводно се прислушува. Секако дека ова е невозможно, ова не заслужува понатамошна сериозна анализа и на ваквиот исказ не треба да му се поклони верба. Во вакво нешто не знам кој може да поверува – заклучи адвокатот Василев.

Дополнително, во завршниот збор на одбраната вака се коментира исказот на Лазаревски:

– Тој наведе дека податоците кои биле извлекувани од системот лично му ги доставувал на едно лице, кое исто така беше сведок во оваа постапка. Меѓутоа, кога дојде да сведочи лицето, истиот во својот исказ категорично негираше дека тој било кога се сретнал со Ѓорѓи и дека иако тој во неколку наврати се обидувал да стапи во контакт со него, сведокот не сакал ни да слушне за такво нешто.

Одбраната се повика и на извештајот на израелските експерти, кои заклучиле дека на територијата на Скопје бил активен и друг систем за следење на комуникациите освен тој на УБК.

– Јавниот обвинител сакаше да го сокрие овој доказ, со оглед дека очигледно не му оди во прилог на конструкцијата која се обидува да ја докаже пред овој судечки совет и веднаш по горенаведениот исказ, на наредната расправа, во име на нови докази, го презентира овој извештај  но пропратен со вештачење на овој извештај – рекоа од одбраната и прашаа согласно кој член од ЗКП јавниот обвинител го предложил и го извел вештачењето на извештајот, кога од одбраната било побарано само да се изведе како доказ извештајот.

Зошто е дозволено вештачење спротивно на Законот за кривична постапка?

Одбраната смета дека не постои законска можност да се изведе вештачење во таа фаза од постапката, а посебно не да се изведе вештачење кое е обезбедено со кршење на Законот за кривична постапка.

Адвокатот Василев нагласи дека извештајот е подготвен во 2014 година и е констатирана фактичка состојба во тој конкретен период. Тој праша како можело да се врши вештачење и анализа на терен на нешто што се случувало четири години претходно, а исто така и да се земаат параметри од опрема која се наоѓа во УБК, опрема која  е само дел од онаа со која било извршено теренското истражување и со која располагале експертите при теренското истражување.

Василев истакна дека израелската компанија потврдила дека постои најмалку уште еден систем кој функционира на територијата на Скопје, но одбраната акцентот го стави на тоа дека пред повеќемина присутни биле вклучени 20-тина комуникаци на мобилна телефонија кои биле слушани во живо, во кабинетот на тогашниот директор.

– Тоа, покрај поранешниот директор, го потврди и клучниот сведок на ЈО Ѕвонко Костовски, кој тогаш бил присутен на настанот, што значи дека кога можеле комуникациите да бидат следени во кацеларијата на директорот на УБК, тогаш тоа било можно и од друго место – нагласи адвокатот Василев.

Тоа се причините поради кои одбраната во случајот „Таргет-Тврдина” побара правичност при носењето одлука од страна на судечкиот советот и ослободителна пресуда. Да повториме уште еднаш: масовното прислушување е кривично дело и одговорност мора да има; но, општо познат правен стандард е дека кривичните обвиненија мора да се докажат „надвор од секакво сомневање” (beyond a resonable doubt), за да се донесе осудителна пресуда.

За жал, случајот „Таргет-Тврдина”, како што покажавме во повеќе анализи, изобилува со нејаснотии, сомнежи и со тврдења непоткрепени со валидни докази, наспроти настојувањата процесот да заврши со осудителни и драконски пресуди. Останува да се види дали судечкиот совет ќе подлегне на тие притисоци, без оглед што во овој, како и во други случаи, може да се разбере желбата на јавноста за правда. Едно демократски зрело општество, сепак, треба да бара правда што ќе донесе мир, а не таква што ќе предизвика нов немир и сомнежи.

(Бранко Героски, Плусинфо)

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk